Агресивната употреба на антибиотици може да предизвика нарушување на расположението и анксиозност
Антибиотиците се меѓу најкористените фармацевтски лекови во светот бидејќи се најефикасни за третман на бактериски инфекции. Но, прекумерната употреба на овие лекови може да ја оштети цревната микробиота, популацијата на микроорганизми што живеат во цревата и ни помагаат да ја вариме храната.
Познато е дека бактериите и другите микроорганизми во цревата комуницираат и со мозокот преку пат што се нарекува оска „црево-мозок“. Неодамнешни истражувања покажуваат дека некои цревни бактерии помагаат во намалувањето на воспалението и го поддржуваат здравото функционирање на мозокот.
Истражувачите од медицинскиот универзитет „Чонгкинг“ спровеле студија истражувајќи ја можноста дека освен што антибиотиците имаат ефекти врз цревните бактерии, тие имаат „придонес“ и во развојот на нарушувањата на менталното здравје, особено зголемувањето на анксиозноста. Нивните наоди посочуваат дека антибиотиците всушност ги оштетуваат цревните бактерии кои помагаат во регулирањето на расположението, поврзувајќи ја нивната прекумерна употреба со повисоки нивоа на анксиозност.
- Антибиотиците се злоупотребени во медицината и може да бидат ризик-фактор за менталното здравје. За подобро да ги разбереме нивните ефекти, ги набљудувавме симптомите на ментално нарушување кај глувци и пациенти третирани со антибиотици и ги истраживме можните механизми - напишале авторите во студијата.
Ефектите на антибиотиците врз цревата и врз мозокот
Во првиот сет експерименти, научниците им дале антибиотици на глувци, потоа го набљудувале нивното однесување и ги анализирале микробиомите во нивниот измет, споредувајќи ги и двата со оние на глувци што не примиле антибиотици.
- Користејќи глувци третирани со антибиотици, откривме очигледно однесување слично на анксиозност, заедно со диференцијална цревна микробиота (главно Firmicutes и Bacteroidota), намалени масни киселини со краток синџир (SCFAs) и нарушен метаболизам на липидите во цревата и во мозокот. Ацетилхолинот се намали во изметот, како и ѕидот на дебелото црево, серумот и хипокампусот кај глувци третирани со антибиотици, а ова намалување беше значително поврзано со однесување слично на анксиозност - заклучиле научниците.

Истражувачите потоа спровеле дополнителен експеримент, каде што собрале примероци од столица и крв од три групи луѓе, а истовремено ги прашале колку се вознемирени. Првите неодамна земале антибиотици, вторите не земале антибиотици и третата група биле здрави и не им бил потребен третман со антибиотици.
- Забележавме очигледни симптоми на анксиозност кај пациентите третирани со антибиотици, заедно со диференцијална цревна микробиота (главно Firmicutes), како и нарушен липиден метаболизам во фецесот и серумот. Пациентите третирани со антибиотици покажаа понизок серумски и фекален ацетилхолин, што беше во голема корелација со симптомите на анксиозност - тврдат научниците.
Генерално, резултатите од оваа студија посочуваат дека прекумерната употреба на антибиотици не само што може да ја промени цревната микробиота, туку може да го зголеми и нивото на анксиозност и негативно да влијае врз менталното здравје на луѓето.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik