Грчки остров нуди бесплатна куќа и месечен финансиски додаток - еве кој има предност

Грчки остров нуди бесплатна куќа и месечен финансиски додаток - еве кој има предност

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали некогаш сте сонувале да ги спакувате куферите и да се преселите на живописен грчки остров, со бели куќи, шармантно пристаниште и тиркизна вода?

Можеби звучи како фантазија, но благодарение на иницијативата на малиот остров Антикитира, тоа сега може да стане реалност.

Островот, сместен во Егејското Море помеѓу Крит и Пелопонез, им посакува добредојде на млади семејства и квалификувани работници, а нуди бесплатна храна, сместување и месечен паричен додаток.

Со цел да го зголеми бројот на жители, Грција им исплаќа 500 евра месечно на новите жители на Антикитира во период од три години по преселбата, што изнесува околу 18.000 евра. Островот нуди мирен, рурален начин на живот, со прекрасни плажи и пријатна медитеранска клима.

- Антикитира во моментов има само 45 постојани жители. Островот сака да привлече млади семејства за повторно да оживее и да се врати енергијата. Затоа, штом ќе пристигнете, ќе бидете топло пречекани - вели Вејн Милс, раководител на операции во меѓународната бродска компанија „Севн сис ворлдвајд“.

Поради падот на бројот на жители и одливот на мозоци, многу земји воведуваат вакви програми за да привлечат нови жители во одредени области. Поголемиот дел од жителите на Антикитира се постари од 50 години, а деца речиси нема.

Според „Еликсис“, грчка компанија за недвижности и правни услуги, програмата е организирана од Грчката православна црква на Крит и Китира, која ја опфаќа и Антикитира, со цел да привлече пекари, рибари и семејства со деца.

Програмата е наменета за пет семејства, а кандидатите ќе бидат интервјуирани пред да добијат финансиска поддршка за преселба.

- Потребни ни се млади семејства, доволно бројни за Антикитира повторно да биде жива и исполнета со детска смеа - изјави Андреа Харгалакис,  претседателка на Антикитира.

Сепак, постои еден проблем: иако семејствата што сакаат да се преселат можат да изберат нов дом, недвижностите сè уште не се изградени поради доцнење во административната документација. Поради тоа, програмата сè уште нема примено ниту едно семејство, а заинтересираните можат да се обратат до туристичката управа на Китира.

Островот, со површина од само 20,4 квадратни километри, е достапен со траект од блискиот остров Китира или од пристаништето Кисамос на Крит. Со мал број жители и изолирана положба, Антикитира нуди автентично искуство на традиционален живот на грчки остров.

Во текот на зимата постои само една мала продавница со основни намирници, но островот има струја и интернет.

Островот е познат и по недопрената природа и дивиот свет. Антикитира е важно живеалиште за птици преселници на патот меѓу Европа и Африка, што ја прави вистински рај за љубителите на птиците.
 
Извор: Citymagazine.danas.rs
Фото: Wikipedia