Јован Ристовски, театарски режисер: „Посакувам да направам нецензурирана претстава за Кочани, за Македонија, за премолчените вистини!“
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Го нарекуваат режисер на општествениот живот. Преку претставите што ги режира, отворено, храбро и без влакна на јазикот говори за проблемите со кои се соочува човекот во ова општество. Тој е креатор на инклузивниот театар во државата. Во неговите претстави прозборуваат лицата со оштетен слух и говор, на знаковен јазик. За стигмата и дискриминацијата зборуваат луѓето со инвалидитет и други попречености.
Уморен од нефункционалниот систем и од сето она што се нарекува држава
Театарскиот режисер Јован Ристовски режирал повеќе претстави низ македонските театри: „Обѕрни се во гневот“ во Народен театар - Битола со 70 изведби, „Рибарски караници“, исто така со Битолски театар одиграна на платформа на Ротинското Езеро, „Големите очекувања“ на МНТ , „Бегство“ на Народен театар - Штип, „Лилика“ на Турски театар - Скопје и други. Како основач и претседател на АТО-Центар за современа уметност и култура од Битола, ги постави „Три“ - првата професионална претстава за лица со оштетен слух, „Улаф сте“ - првата детска претстава на знаковен јазик, документарната претстава „8%“ во која актерите и лицата со попречености зборуваат во какво општество живеат хендикепираните, болните, жртвите на семејно насилство...
Кои мали желби ги има еден голем режисер како Вас за Новата година?
-Би сакал мир и тишина. Подалеку од метежот. Дистанца. Пред нецели 5 години беше создаден АТО – Центар за современа уметност и култура во Битола. АТО сѐ уште нема свој објект, но заедно со екипата развивме современ инклузивен театар, отворени за непознати форми, експерименти. Сосема случајно се оформи... и не планирав, ама воопшто не планирав дека сѐ уште ќе постои и ќе функционира. И по патот се уморив, од нефункционалниот систем и од сето она што се нарекува држава. Од луѓе што малку знаат претставувајќи се дека знаат сѐ. Чуден народ живее во оваа земја. Дури изгубив чувство на припадност, дали јас му припаѓам на овој народ тука... многу застарени размислувања, предрасуди, неотвореност, омраза... Да не мрчам, доаѓаат празници... но, се изморив од сите случувања. И да - посакувам мир, тишина и дистанца од сите овие вистини.
Имам огромна желба за свој независен театар со простор за да им овозможам нецензурирана слобода на младите
Која е Вашата желба на професионален план?
-Мојата лична желба е испреплетена со колективниот дух на младите уметници. Сакам да имам доволно буџет за да им дадам поддршка и простор на младите актери, режисери и сите други уметници да се реализираат, да креираат. Како млад човек, поминав многу трнлив пат во оваа земја бидејќи партизацијата и политиката, како и политичките врски, се поголеми од уметничкиот дух. И немав голема политичка поддршка за да „растурам“ од режирање низ театриве. И поради тие причини и искуство дека чесниот пат е трнлив, а на тоа ме научил татко ми Љубиша, кој е архитект, имам огромна желба како уметник да имам свој независен театар со простор, многу пари и да им да дадам нецензурирана слобода на младите да се изразат. Особено на младите актери кои генерално немаат многу шанси да заиграат на театарските сцени, кои впрочем се државни и раководени од властите и нивните партиски структури - тоа е жива досада за еден уметник и е погубно. Долго време е така, заглавени сме, затоа и се зборува веќе јавно дека театарската уметност е во криза. И да, сакам да продолжам да режирам и да пишувам. Веројатно овој период најмногу посакувам да влезам во нова театарска авантура за нецензурирана претстава за Кочани, за Македонија, за нас, за премолчените вистини!
Што преземате за нејзино остварување?
-Веќе работам на претставата за нас. Воедно и барам простор за театар низ Битола. Планирам од платата да издвојувам одреден износ за да соберам буџет за кирија, за одржување. Верувам дека оваа, во моментов, невозможна идеја еден ден ќе се реализира. Можеби тој независен театар со простор ќе функционира една година, две или подолго. Но, знам дека вреди да се проба бидејќи има млади генерации кои треба да се слушнат, да се видат. Треба да вложиме во нашата иднина! Потајно се надевам дека ќе се појават мецени, спонзори и меѓународни агенции кои ќе нѐ поддржат во оваа мисија.
Политичките врски не смеат да бидат посилни од уметничкиот дух
Која порака ќе ја пренесете преку независната театарска сцена?
-Треба младината да разбере дека политизираноста нѐ донела до овој ќор-сокак во нашата земја. Дека со членска карта од партија не се градат вредности, прогрес и знаење. Над три децении се случува корупција, бунило и магла. Народот е апатичен, недоверлив. Ние сме аматерска земја, а потребно е да бидеме стабилна држава и сите да бидеме горди на неа.
Верувате ли во новогодишна магија и остварување на желбите?
Како дете многу! И веројатно тие детски наивни и слепи верувања во чуда низ текот на животот влијаеле врз мене. На позрели години искусив дека ако работиме на она што длабоко во нас знаеме дека е добро да се случи – ќе се случи. Ако секое дете научи да верува дека работите се остваруваат со труд и работа, верувам дека кога ќе пораснат, ќе се претворат во луѓе кои го менуваат светот и се трудат да стане подобро место за живеење.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.