Што е вирусот ебола од Судан и колку е сличен на еболата?

Што е вирусот ебола од Судан и колку е сличен на еболата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Светската здравствена организација и властите во Уганда неодамна потврдија ново жариште на болеста предизвикана од вирусот ебола од Судан. Првиот познат случај на оваа епидемија е 32-годишен медицински техничар од болница во Кампала, главниот град на Уганда.

СЗО идентификува два кластери на заразени – еден поврзан со семејството на пациентот и друг во болничка средина. Досега е потврдена една смрт, на првиот заразен пациент. Втората заразена личност била неговата сопруга, а заклучно со 11 февруари потврдени се девет случаи.

Овие епидемии се релативно ретки. Ова е деветтиот регистриран бран на овој вирус од неговото откривање во 1976 година, кога првиот случај бил пријавен во Јужен Судан. Во 2022 година друга епидемија во Уганда доведе до 164 заразени и 77 смртни случаи, со стапка на смртност од 47 отсто.

За овој вирус сè уште нема специфични третмани или вакцини.

Вирусот ебола од Судан и еболата – која е разликата?


Вирусот ебола од Судан е многу сличен на еболата, која предизвикала неколку големи епидемии, вклучувајќи ја и онаа во Западна Африка од 2014 до 2016 година со 28.600 заразени и 11.325 починати.

Двата вируса припаѓаат на истото вирусно семејство ортоеболавируси, но имаат различни протеини и генетски состав, што значи дека имунолошкиот одговор на секој од нив е различен. Поради ова, вакцините против ебола веројатно нема да бидат ефикасни против вирусот ебола од Судан.

Во моментов се тестираат вакцини-кандидати и моноклонални антитела, кои помагаат во блокирање на размножувањето на вирусот.

Започната е и првата фаза на клиничко испитување на потенцијална вакцина, што претставува првиот чекор во тестирањето на луѓе.

Симптоми и начини на дијагностицирање

Бидејќи ебола вирусот од Судан е структурно сличен на еболата, симптомите кај пациентите се речиси идентични. Болеста започнува со треска, болки во телото и замор, а подоцна може да прогресира во дијареја, повраќање и неочекувано крвавење.

За точна дијагноза, неопходно е лабораториско тестирање, но поради високата заразност, заразените мора веднаш да се изолираат.

Раната медицинска нега може да го намали ризикот од смрт, а третманот обично вклучува многу течности и ублажување на симптомите.

Во 2022 година многу пациенти прво се лекувале во приватни здравствени установи надвор од главниот здравствен систем, што го олеснило ширењето на инфекцијата. Недостигот од соодветна заштитна опрема и протоколи за спречување на заразата придонел за зголемување на бројот на нови случаи.

Кога биле потврдени првите случаи, повеќето заразени лица биле пренасочени во специјализирани центри за тестирање и болничка нега. Благодарение на следењето и соодветните мерки за контрола, епидемијата била ставена под контрола и завршена во ноември 2022 година.

Климатските промени сè повеќе влијаат врз географската распространетост на вируси како овој вирус. Покрај тоа, болестите што се пренесуваат преку комарци, како што се маларијата и жолтата треска, ќе се појавуваат во нови региони, а денга вирусот и западнонилскиот вирус веќе стануваат почести во Европа и во Северна Америка.

Извор: Theconversation.com
Фото: Twitter/Gavi.org