„Тик-ток“ знае сѐ за вас, дури и ако никогаш не сте гледале ниедно видео
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Веројатно не постои лице што користи интернет, а да не слушнало за „Тик-ток“. Оваа популарна платформа за објавување и гледање видеа ја освои светската сцена, особено меѓу младите.
Но, дури и ако никогаш не сте имале профил на платформата или не сте кликнале на линк за да гледате видео, голема е веројатноста дека таа има значителна количина информации за вас.
„Тик-ток“ ја следи секоја активност на своите корисници на платформата, што го прави толку успешен во прикажувањето содржини кои ги задржуваат корисниците подолго време. Но, помалку е јасно дека платформата ве следи и на други делови од интернетот кои немаат врска со „Тик-ток“.
Имено, „Тик-ток“ собира чувствителни и потенцијално непријатни информации, не само за корисници на апликацијата, туку и за оние што никогаш не ја користеле.
За тоа се користи алатка наречена „пиксел“, која компаниите обично ја користат за следење на корисничкото однесување на интернет.
Патрик Џексон, главен технолошки директор во компанијата за сајбер-безбедност „Дисконект“, предупредува дека пикселот е исклучително инвазивен. Следењето преку пиксели не е новост. Се работи буквално за мала точка, пиксел, кој се вчитува на заднината на веб-страницата и чија единствена задача е да собира податоци.
На пример, „Тик-ток“ ги поттикнува компаниите да поставуваат пиксели на своите веб-страници за да им проследуваат податоци за посетителите. Тоа му овозможува на „Тик-ток“ да собира информации за посетителите на одредени страници, да прикажува таргетирани реклами и да разбере дали корисниците ќе ги видат рекламите или ќе купат нешто. Проблемот е што на овој начин „Тик-ток“ добива информации и за корисниците, но и за оние што никогаш не биле корисници.
Иако од „Тик-ток“ истакнуваат дека корисниците се информирани за тоа како се управува со нивните податоци и имаат алатки за контрола на приватноста, повеќето корисници или не знаат за тоа или не се сигурни како да ја обезбедат највисоката можна безбедност.
„Тик-ток“ додава дека прашањето на собирање податоци не е негова одговорност, туку од веб-страниците кои инсталираат пиксел и собираат податоци. Сепак, компанијата презема проактивни чекори за да ги предупреди веб-страниците кои споделуваат информации.
Проблемот е што „Тик-ток“ не е единствениот што го прави тоа. И други големи компании, како „Гугл“ и „Мета“, со години ја користат истата практика. Според податоците на компанијата „Дакдакгоу“, „Тик-ток“ има пиксели на 5 отсто од водечките светски веб-страници, додека „Гугл“ на 72 отсто.
Алгоритмите можат да ги користат овие податоци за манипулација и да ве натераат да купите нешто, да влијаат преку политички кампањи или дури и да предизвикаат ценовна дискриминација.
За да избегнат собирање податоци, корисниците треба да ги постават сите поставки за приватност на највисоко ниво и да внимаваат веб-страниците да не ги следат. Тоа може да го постигнат преку одбивање колачиња или користење прелистувачи кои блокираат следење и известуваат за бројот на блокирани барања.
А за оние што не се на „Тик-ток“, единствено решение е користење веб-пребарувач со повисока безбедност кој го блокира ваквото следење на интернет.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik