Ученик кој положил стручна матура може да се запише само на соодветен факултет, доколку се премисли, мора да полага државна матура следната година, според новата концепција
Од воведувањето на државната матура досега општеството претрпе многу промени, особено во економска и демографска смисла, па образовниот систем на проверка на знаењето на крајот од средното образование, исто така, требаше да претрпи промени и да се приспособи на новите трендови.
Светските трендови за развој на ваков вид испити, заедно со новите радикално променети политики во реализирањето на средното стручно образование, односно подготовката на нови наставни програми и наставни планови, ја наметнаа потребата од создавање нова концепција за централизирани испити на крајот од средното образование.
За развојот на новата Концепција, која во 2025 година ја објави Министерството за образование и наука и која ќе се спроведува од оваа учебна година, црпени се наоди од анализите на постојната државна матура, училишна матура и завршните испити во средните училишта.
Промените што се воведоа со реформите во средното стручно образование ја наметнаа потребата од создавање нов вид централизирани испити кои ќе претставуваат соодветна завршница на четиригодишното средно образование.
Централизираните испити треба да ја исполнат двојната функција на завршување на средното образование - да овозможат вклучување на пазарот на трудот и да понудат можност за продолжување на образованието во високообразовни установи, согласно изборот што учениците го направиле во текот на средното образование.
Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска, за „Факултети.мк“ објасни што нуди новата Концепција за испитите на крајот од средното образование и кои бенефити ќе ги имаат учениците на крајот од средното образование.
- Од оваа учебна година 2025/2026, согласно Концепцијата, имаме различни видови испити на крајот од средното четиригодишно образование, имено во зависност од средното образование, учениците може да полагаат: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура - вели Даниела Јовчевска Михајловска.
Државна матура е наменета за учениците што завршиле гимназиско образование, но и за учениците од средно стручно и средно уметничко образование кои сакаат да го продолжат своето образование на студиска програма различна од завршеното средно образование, согласно критериумите за упис во високообразовната установа, имено со државна матура може да се запишат на сите високообразовни институции.
Државна стручна матура е наменета само за учениците од четиригодишно средно стручно образование кои ќе го продолжат своето образование во високообразовна установа на соодветна студиска програма.
-Државна уметничка матура е наменета само за учениците од средно уметничко образование кои ќе го продолжат своето образование во високообразовна установа, на соодветна студиска програма. Тоа значи дека ученикот има право на избор на видот на испитите на крајот од четиригодишното средно образование во зависност од тоа каде ќе сака да го продолжи своето образование. За поголема информираност на учениците во насока на тоа кои факултети на кои студиски програми ќе запишуваат со државна стручна матура и државна уметничка матура, на интернет-страницата на универзитетите се објавени детални информации - истакна Даниела Јовчевска Михајловска.
Директорката објасни дека за државната стручна и државната уметничка матура се изработени испитни програми кои се во согласност со наставните програми и годишниот фонд на часови по предметите бидејќи постојат разлики со наставните програми од гимназиско образование, како и годишниот фонд на часови со кој се изучуваат - рече таа.
Ова значи дека ученик од средно стручно училиште може да полага и државна матура ако сака да студира студии кои не се поврзани со стручното образование, односно ако планира да се запише на општествени науки, а е различно од неговото средно стручно образование.
- Може да полага и државна матура. На пример, учениците што се пријавуваат да полагаат државна матура од средно машинско училиште го прават тоа затоа што сакаат да го продолжат своето образование во високото образование на студиска програма различна од завршеното средно образование. Ако ученикот се определил да студира машинство или електротехника, ќе си избере државна стручна матура. Но ако ученикот се премисли или не се пронајде на студиската програма што ја избрал, а има положено државна стручна матура, следната година може да се пријави и да полага државна матура. На пример, ако положил државна стручна матура и се запишал на машински или на електро, но сака да го смени факултетот, односно сака да се запише на студиска програма различна од завршеното средно образование, ќе треба да полага државна матура.Ученик што положил државна матура, без разлика од кое училиште доаѓа, може да се образова на која било високообразовна институција - истакна директорката Јовчевска Михајловска, додавајќи дека Државниот испитен центар веќе ги прави подготовките за годинашното спроведување на екстерните испити на крајот од четиригодишното средно образование.
Доколку кандидатот смета дека може самостојно да се подготви и да ги добие потребните резултати од учење наведени во испитните програми за државна матура, иако завршил четиригодишно средно стручно образование или средно уметничко образование, може да се пријави да полага државна матура и на тој начин да го продолжи своето образование во високообразовните институции, како во државата така и во странство. Концепцијата обезбедува соодветна поврзаност меѓу овие испити.
На крајот од четиригодишното образование, кандидатите што положиле некој од следниве испити: државна стручна матура, државна уметничка матура, училишна гимназиска матура, училишна уметничка матура или училишна стручна матура, имаат можност следната година да полагаат и државна матура.
Инаку, на интернет-страницата на Државниот испитен центар веќе се објавени Водичи за матурантите што ќе полагаат државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.