Вашата е-адреса завршила на „дарк веб“ – препораки како да постапите

Вашата е-адреса завршила на „дарк веб“ – препораки како да постапите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ситуацијата не е пријатна, но нема причина за паника. Земете воздух и видете со што се соочувате и што можете да направите во врска со тоа.

„Дарк веб“ има лоша репутација – и тоа со причина. Сама по себе не е лоша, но поради својата природа и начинот на кој функционира, често се користи за нелегални активности, како што е продажба на украдени кориснички податоци. Затоа, сфаќањето дека вашата е-адреса е забележана некаде низ „дарк веб“ треба да биде причина за загриженост.

Еве што можете да направите во врска со тоа.

Што е „дарк веб“ (темна мрежа)?

„Дарк веб“ е дел од длабоката мрежа, делот од интернетот што пребарувачите не го индексираат. Длабоката мрежа го сочинува огромното мнозинство од глобалниот интернет, но „дарк веб“ е единствена по тоа што бара специфичен тип на прелистувач, како што е „Тор“, и познавање на специфични адреси за пристап.

Овозможува приватност и анонимност, поради што привлекува криминалци и други злонамерни актери, како и оние што имаат причина да се кријат во сопствената земја бидејќи се цензурирани, прогонувани итн.

Како вашата е-адреса завршила на „дар веб“?

Па, веројатно затоа што една или повеќе од компаниите со кои сте ја споделиле биле жртви на кражба на податоци, или ги споделиле со трети страни кои биле жртви на напади. За жал, ова се случува често и речиси е невозможно целосно да се спречи.

Украдените податоци се објавуваат и се нудат на „дарк веб“ бидејќи можат да се користат со висок степен на заштита на идентитетот. За да се заштитите, можете да користите услуги за алијас за е-пошта, како што се функцијата „Скриј ја мојата е-пошта“ на „Епл“ или функцијата на „Протон“ за алијас на е-пошта, за да генерирате нов алијас секојпат кога ќе треба да ја споделите вашата е-пошта.

Ако хакерите провалат во една од компаниите што ги имаат вашите податоци, сè што треба да направите е да го оневозможите алијасот.

Што можат да прават хакерите со вашата е-пошта?

Хакерот што ја добил вашата адреса може да ја злоупотреби на неколку начини.

Прво, тие веројатно ќе сакаат да се обидат да пробијат различни кориснички сметки за кои можеби сте ја користеле таа е-адреса. Ако ги добиле и вашите лозинки, ќе се обидат и со нив. Затоа треба да се менуваат доста често.

Ако не успеат во ова, може да ве таргетираат со фишинг-напади (на пример, испраќање лажни известувања со линк за проверка на вашата сметка, барање за промена на вашата лозинка, предупредување за обид за најавување, обид за изнудување пари итн.).

Тие, исто така, може да се обидат да ве лажат, да креираат е-пошта што изгледа многу слично на вашите и да ги контактираат вашите контакти за да ги измамат. Затоа, треба да ги предупредите вашите најблиски за оваа можност.

Што да направите ако вашата е-адреса е на „дарк веб“?

За почеток, променете ги лозинките за сè што е важно за вас, почнувајќи од самата е-адреса. Како и обично, секоја лозинка треба да биде силна и единствена. Избегнувајте користење на исти лозинки за повеќе услуги и направете ги тешки за погодување и за луѓето и за компјутерите.

Осигурете се дека сите ваши сметки користат двофакторска автентикација (2ФА) доколку е достапна, бидејќи ова додава слој на заштита што ќе обесхрабри многу хакери. Имплементирајте лозинки и комбинирајте лозинки со биометриски и други форми на заштита (вклучувајќи ПИН) кога и каде што е можно.

Следете ги вашите сметки поврзани со компромитираната е-пошта, особено оние поврзани со финансиите.

Можете ли да ја отстраните вашата е-пошта од „дарк веб“?

До одреден степен да, но никогаш целосно. „Дарк веб“ е огромен простор и нерегулиран. Поедноставно е да се креира нова корисничка сметка.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik