Во која земја луѓето се најгостопримливи?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Фотографиите од патувања најчесто прикажуваат егзотични плажи и импресивни градби, но сеќавањата што најдолго остануваат обично се поврзани со луѓето што сме ги запознале. Токму средбите со локалното население често одредуваат како ќе го паметиме некое место.
Советите на пријателите и семејството често ја истакнуваат гостопримливоста на домаќините како клучен фактор при изборот на дестинација, особено во време кога протестите против прекумерен туризам стануваат сè почести. Затоа, веб-страницата „Booking.com“ објави листа со десет града и региони што се сметаат за најтопли и најпријателски настроени кон посетителите.
Најгостопримливите места во Европа
На самиот врв на светската листа се најде Монтепулчијано во Јужна Тоскана. Овој град, освен пријатните жители, е познат и по славното вино „нобиле“, поради кое многу туристи доаѓаат на дегустации и обиколка на лозовите насади.
Англискиот град Харогејт се најде на 4. место и нуди релаксирана атмосфера за одмор од секојдневието. Последното место меѓу европските градови му припадна на Клајпеда, пристаништен град чиј стар дел ги воодушевува љубителите на уметноста со многубројните улични скулптури.
На листата се најдоа и четири европски региони: шпанската Навара (3. место), германската Саксонија (6. место), холандскиот Оверајсел (8. место) и грчкиот Епир (9. место).
Навара е позната низ целиот свет по трката со бикови во Памплона, но привлекува посетители и со природни атракции како полупустината Бардeнас Реалес и шумата Ирати. Саксонија нуди богата урбана понуда преку градови како Дрезден и Лајпциг, додека Кемниц во 2025 година ја носеше титулата Европска престолнина на културата.
Во Оверајсел се наоѓа живописниот Гиторн, познат како „Венеција на северот“, како и историскиот град Кампен. Епир во копнениот дел на Грција особено привлекува планинари благодарение на планинскиот венец Пинд, а неговите села познати како Загорохоризија беа вклучени на листата на светско наследство на УНЕСКО во 2023 година.
Најгостопримливите дестинации надвор од Европа
Второто место на листата му припадна на градот Магонг на островите Пенгу, западно од Тајван. Посетителите го одбираат поради кристално чистото море и историските знаменитости, меѓу кои се издвојува храмот Пенгу Тјанху, најстариот храм посветен на божицата Мазу во земјата. Трет на листата е аргентинскиот Сан Мартин де лос Андес во Аргентина, сместен покрај живописното езеро Лакар.
Меѓу првите пет се најде и Фредериксбург, мал град познат по силното германско наследство. Меѓу десетте најдобри се најдоа и Пиренополис во Бразил, Свакопмунд во Намибија, Такајама во Јапонија и Нуса Хедс во Австралија.
Најгостопримливиот регион во светот е мексиканската држава Идалго, дом на спектакуларниот кањон Призмас Базалтикос. Следуваат Њуфаундленд и Лабрадор во Канада, познат регион по богатиот животински свет. На листата се и американската држава Ајдахо, индискиот Химачал Прадеш, тајландската Фанг Нга и панамскиот Чирики.
Како беа создадени ранг-листите?
Овие листи беа објавени во рамките на наградите „Травелер ривју аворд 2026“ од „Booking.com“. Целта е да се издвојат дестинации што се познати по топлината, вниманието кон гостите и домаќините кои вложуваат дополнителен труд за да им овозможат на посетителите незаборавно искуство.
Резултатите се базираат на односот помеѓу бројот на наградени сместувачки објекти и вкупниот број достапни објекти во одредена дестинација, од хотели и апартмани до куќи за одмор и други форми на сместување.
Извор:
6yka.com
Фото:
Facebook/Montepulciano