Администрацијата на Трамп ќе земе 10 милијарди долари провизии за посредување при продажбата на „Тик-ток“

Администрацијата на Трамп ќе земе 10 милијарди долари провизии за посредување при продажбата на „Тик-ток“

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп треба да добие приближно 10 милијарди долари надомест од инвеститорите вклучени во преземањето на раководењето на „Тик-ток“ од страна на САД. Оваа исплата претставува еден вид „провизија“ за државата за нејзината улога во преговорите што ѝ овозможија на апликацијата да продолжи да работи на американскиот пазар. Според блиски извори, чии информации ги објавува „Вол стрит журнал“, дел од износот - 2,5 милијарди долари веќе му се платени на Министерството за финансии по затворањето на трансакцијата во јануари, додека остатокот ќе биде платен на неколку рати.

Детали за договорот

Конзорциумот на инвеститори што ја презеде контролата врз американскиот дел од бизнисот на „Тик-ток“ од кинеската матична компанија „Бајтденс“ е составен од технолошкиот гигант „Оракл“, инвестицискиот фонд „Силвер Лејк“ и инвеститорот МГХ од Абу Даби. Овие плаќања во федералниот буџет се додаток на инвестицијата потребна за воспоставување на новиот субјект што сега ја управува апликацијата. Претседателот Трамп претходно го објави овој исход, истакнувајќи дека напорите и ангажманот на владата во преговорите оправдуваат „значителна компензација“ за буџетот - додека независните набљудувачи би го протолкувале тоа како корупција.

Претставници на администрацијата ја оправдуваат големината на надоместокот, со клучната улога на претседателот Трамп во решавањето на сложените преговори со Кина и справувањето со безбедносните барања од пратениците. Трансакцијата ќе се усогласи со законот кој бараше од „Тик-ток“ да го намали својот удел во сопственоста на кинескиот „Бајтденс“ или целосно да престане со работа во САД.

Потег без преседан

Потпретседателот Џ.Д. Венс изјави дека новиот субјект што ќе го управува американскиот „Тик-ток“ во овој договор е вреден околу 14 милијарди долари. Иако некои технолошки аналитичари веруваат дека оваа бројка е драматично потценета со оглед на вистинската пазарна вредност на платформата, договорот вклучува и специфични услови за споделување на профитот. Имено, американскиот субјект мора да го сподели профитот со „Бајтденс“, кој го лиценцира својот популарен алгоритам на новиот субјект и задржа удел во сопственоста од речиси 20 %.

Целиот процес резултира со структура во која алгоритамот, иако лиценциран, е целосно приспособен и обучен на американските корисници, во рамките на новиот систем. Со постигнувањето на овој договор, администрацијата тврди дека успешно ги елиминирала претходно истакнатите безбедносни ризици, а во исто време ѝ обезбедила на државата значителна финансиска корист од приватна деловна трансакција.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik