Ако вашите родители ги имале, поголем е ризикот и за вас: Ова се три наследни болести

Ако вашите родители ги имале, поголем е ризикот и за вас: Ова се три наследни болести

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако многу здравствени проблеми произлегуваат од начинот на живот или од лошата среќа, генетиката игра клучна улога во ризикот од одредени болести.

Доколку вашите родители или баби и дедовци имале одредена болест, поголема е веројатноста и вие да ја развиете. Секако, ова не значи дека болеста е неизбежна, но укажува на зголемен ризик. Д-р Клер Грејнџер издвојува три вообичаени состојби кои се под влијание на генетиката.

Дијабетес

Постојат два вида дијабетес. Додека тип 1 е автоимуна болест, тип 2 е поврзан со начинот на живот и генетиката.

-Дијабетес тип 2 е една од најчестите состојби со наследна компонента. Иако исхраната, телесната тежина и физичката активност играат значајна улога, генетиката може да ја зголеми тенденцијата за заболување. Ова не значи дека болеста е неизбежна, но укажува дека треба да бидете проактивни: редовно да одите на лекарски прегледи, да одржувате здрава телесна тежина и да ги следите симптомите како што се зголемена жед, замор или често мокрење - објаснува д-р Гранџер.

Астма

Астмата е состојба која често ги зафаќа дишните патишта, предизвикувајќи стегање во градите, кашлање и отежнато дишење, а симптомите може да варираат од благи до тешки.

-Астмата е уште една состојба која често се јавува во семејствата. Истражувањата покажуваат дека децата имаат поголема веројатност да развијат астма ако едниот или двајцата родители страдаат од неа. Астмата има силна генетска компонента - вели д-р Гренџер.

Генетиката не влијае само врз астмата.

-Ако вашите родители имаат астма, поленска треска или егзема, можеби сте посклони кон развој на респираторни или алергиски заболувања. Раната дијагноза и соодветниот план за лекување можат значително да го подобрат квалитетот на животот - објаснува докторката.

Акни

Акните често се сметаат за тинејџерски проблем, но можат да продолжат и во зрелоста. Нивното формирање е под влијание на исхраната, начинот на живот и генетиката.

-Акните често се сметаат за минлива фаза во адолесценцијата, но генетиката може да игра значајна улога во тоа кој ќе ги развие и колку сериозна ќе биде состојбата. Многумина не знаат дека акните можат да бидат наследни. Ако вашите родители имале постојани акни или се бореле со нив долго во зрелоста, поголема е веројатноста и вие да ги имате - заклучува д-р Гренџер.

Извор: avaz.ba

Фото: Freepik