Голема победа за приватноста - европратениците велат „не“ за контролата на разговорите

Голема победа за приватноста - европратениците велат „не“ за контролата на разговорите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мнозинството пратеници во Европскиот парламент минатата недела гласаа за прекин на неселективното масовно скенирање на приватни пораки, познато како „Контрола на разговор“. Со оваа изненадувачка одлука Парламентот испрати јасна порака против практиките што дигиталните активисти и правните експерти ги критикуваат со години како неуставни, како и дека ја нарушуваат приватноста на пораките испратени преку апликации како „Вацап“.

Пропорционален и насочен надзор

Пратениците ги поддржаа амандманите што би го ограничиле автоматското скенирање на поединци или групи, за кои постои сомневање дека имаат врски со материјал за сексуална злоупотреба на деца (CSAM), наместо на сите, како што претходно беше предвидено. Гласањето е победа на застапниците за дигитални права, кои предупредија дека првичните предлози на Европската комисија ќе го уништат концептот на приватност во дигиталната доба.

Според новиот став на Парламентот, секоја мерка за надзор мора да биде пропорционална и насочена. Клучен елемент на одлуката е строгата заштита на енкрипцијата „крај до крај“ (end-to-end encryption), што го спречува воведувањето на таканаречените „задни врати“ во апликации како „Вацап“ или „Сигнал“, што, според експертите, би ја загрозило безбедноста на сите корисници.

Крај на неселективното следење

Патрик Брејер, еден од најгласните критичари на системот за контрола на разговори, го опиша овој резултат како сензационална победа за граѓаните. Тој истакна дека Парламентот го отфрлил моделот на надзор, кој се покажал како нефункционален и полн со грешки. Претходната практика на доброволно скенирање, спроведена главно од американски корпорации како што е „Мета“, резултира со огромен број лажни извештаи. Податоците покажуваат дека речиси половина од пријавените разговори во ЕУ биле кривично ирелевантни, вршејќи непотребен притисок врз истражните органи и пренасочувајќи ги ресурсите од вистинските криминални мрежи.


Иако гласањето во Парламентот (458 за, 103 против) беше означено како историско, процесот на усвојување на конечниот закон сè уште не е завршен. Следуваат преговори со Советот на ЕУ и Европската комисија, каде што земјите членки ќе мора да ги усогласат своите ставови со одлуката на Парламентот. Активистите продолжуваат да предупредуваат дека некои влади би можеле да се обидат да воведат построги мерки за надзор под маската на „модерирање на содржината“, но сегашната позиција на Парламентот поставува висока летва за вакви обиди.

Одлуката на Парламентот е продолжување на привремената регулатива до август 2027 година, но со нови заштитни мерки. Ова обезбедува континуитет во борбата против злоупотребата на деца, но истовремено спречува воспоставување систем што би овозможил општ надзор на сите граѓани на ЕУ.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik