Колку чини „Оскарот“ и зошто победниците не можат да го продадат

Колку чини „Оскарот“ и зошто победниците не можат да го продадат

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Освојувањето „Оскар“ е сон на секој режисер, но самата статуетка не вреди толку колку што би помислиле - барем не во парична смисла.

Секоја награда, висока околу 34 сантиметри и тешка околу 3,8 килограми, е позлатена и чини приближно 400 долари. Сепак, нејзината вистинска вредност лежи во нејзината симболика, како највисоко признание во светот на филмот. Но победниците не можат да профитираат од својот успех - барем не законски.

Зошто „Оскарите“ не можат да се продаваат?

Од 1951 година Академијата за филмска уметност и науки (АМПАС) спроведува строго правило. Добитниците на „Оскар“ не можат да ја продадат својата статуетка без претходно да ѝ ја понудат на Академијата за симболична цена од еден долар. Ова правило важи и за оние што го наследуваат „Оскарот“. Како што се наведува во официјалните упатства на Академијата: - Добитниците на наградата не смеат да ја продаваат или на друг начин да располагаат со статуетката „Оскар“. Ниту да дозволат таа да се продава или пренесува по сила на закон, без претходно да ѝ се понуди на Академијата да ја купи за сума од 1 долар.

Ова правило е со цел да се зачува интегритетот на наградата и да спречи таа да стане само колекционерски предмет.

Кога „Оскарите“ ќе бидат пуштени во продажба?

И покрај строгите правила, историјата покажува дека „Оскарите“ се продаваат ако биле доделени пред 1951 година. Оваа правна „дупка“ довела до некои неверојатни продажби.

На една аукција во 2012 година беа продадени 15 „Оскари“ од периодот пред 1951 година, кои достигнаа цена од над 3 милиони долари. Меѓу нив беше и „Оскарот“ за најдобро сценарио, кој Херман Манкијевиќ го доби во 1941 година за филмот „Граѓанинот Кејн“. „Оскарот“ е продаден за 588.455 долари.

Некои од најголемите ѕвезди на Холивуд купувале „Оскари“:
-Мајкл Џексон го купил „Оскарот“ за најдобар филм за „Однесено со виорот“ (1939) за 1,5 милион долари во 1999 година.

-Стивен Спилберг ги купил „Оскарите“ што ги освоиле Кларк Гејбл („Се случи една ноќ“, 1934) и Бет Дејвис („Џезабел“, 1938). Потоа ѝ ги донирал на Академијата.

-Магионичарот Дејвид Коперфилд го купил „Оскарот“ за најдобар режисер за филмот „Казабланка“ (1944) за 232.000 долари.


Препорака за говор од 45 секунди

Освојувањето „Оскар“ може да биде момент што ја дефинира кариерата, но победниците немаат многу време да уживаат во славата. Претседателката на Академијата, Џенет Јанг, потсети дека говорите за прифаќање на наградата треба да бидат „искрени, духовити ако сакаат говорниците, трогателни, инспиративни - но кратки“. Од победниците се очекува да го завршат својот говор во рок од 45 секунди.

Најдолгиот говор досега го одржала Грир Гарсон, која зборувала повеќе од пет минути кога ја прифатила наградата „Оскар“ за најдобра актерка за „Госпоѓа Минивер“ (1943). Најкраткиот говор го одржала Пади Дјук, која едноставно рекла: „Ви благодарам“. Таа ја освоила наградата „Оскар“ за најдобра споредна актерка за „Чудотворецот“ (1963).



Извор: forbes.n1info.rs

Фото: Instagram screenshot