Синдикатите во Австралија бараат 4-дневна работна недела и дополнителна недела годишен одмор

Синдикатите во Австралија бараат 4-дневна работна недела и дополнителна недела годишен одмор

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали четиридневните работни недели наскоро ќе станат реалност? Тешко дека може да се најде Австралиец што не би се надевал на тоа. Пократките работни недели не се само придобивка за вработените, туку испитувањата покажуваат дека тие можат да ја зголемат продуктивноста, да го подобрат задоволството на работа и да го намалат стресот.

Главните синдикати во Австралија ја повикуваат федералната влада законски да воведе скратена работна недела од 30,4 часа како дел од прегледот на Националните стандарди за вработување, што е прв преглед во последните 13 години.

Синдикатот за австралиски услуги (АСУ), кој претставува повеќе од 135.000 работници во индустрии како транспорт, социјални услуги, локална самоуправа, авиокомпании и приватниот правен сектор, повикува на стандардизирана четиридневна работна недела без намалување на платата.

Предлогот на синдикатот укажува на растечката комплексност на модерниот работен живот, како и на појавата на вештачката интелигенција, како причини поради кои четиридневната недела е и потребна и остварлива за бизнисите.

Предлогот на АСУ следи посебен предлог од Советот на австралиски синдикати (АКТУ), најголемата синдикална организација што претставува околу 2 милиони работници во сите поврзани синдикати во Австралија, која ја повикува федералната влада да го намали максималниот број работни часови неделно од 38 на 35 часа.

Исто така, АКТУ предлага годишниот одмор да се зголеми од четири на пет недели годишно, а од пет на шест недели за редовни работници со смени. Ако се воведе, тоа би било прво зголемување на минималниот стандард од средината на 70-тите, промена што ја поддржува и АСУ, повторно без намалување на плата.

Најголемиот синдикат повикува и на воведување десет дена платено отсуство

Според АКТУ, австралиските работници работат дополнителни 4,5 недели годишно преку неплатена прекувремена работа. Кај помладите работници на возраст од 18 до 24 години таа бројка се искачува на 6,4 недели.

АКТУ тврди дека зголемувањето на годишниот одмор за една недела би ги зголемило вкупните трошоци за еден вработен за околу 2 отсто, но додава дека тоа веројатно би било надоместено со помалку замени на вработени и помалку време изгубено поради повреди и стрес.

Исто така, најголемиот синдикат повикува и на воведување десет дена платено отсуство за репродуктивно здравје, стандард што моментално е законски предвиден само во Квинсленд. Во сите други држави и територии, Австралијците мора да користат боледување или неплатено отсуство за управување со здравствени прашања како скрининг за рак на простата, закрепнување по вазектомија, третман за плодност, спонтани абортуси, менструални болки, менопауза и ендометриоза.

Во предлогот на АСУ се вклучени и барања за платено известување од шест месеци за работници кои ќе ги изгубат работните места поради вештачка интелигенција, укинување на обврската за лекарски потврди при еднодневно отсуство и нови правила за распореди, кои обезбедуваат предвидливи смени и најмалку две недели известување за промени во смените од страна на работодавецот.

Извор: Timeout.com
Фото: Unsplash