Кога радиото како медиум згаснува, а другите редакции кубурат со млади новинари, радиото УКЛО ФМ им пркоси на трендовите. Таму веќе 15 години, под водство на новинарката Соња Тантарова-Груевска, главен и одговорен уредник, студенти се активно вклучени во реализацијата на радиопрограмата.
Подготвуваат проверени и квалитетни содржини, креираат и водат едукативни емисии, учат како да се изразуваат пред микрофон, задолжително на стандарден македонски јазик, oсознаваат како е да си вклучен во професионален медиум и, секако, се вљубуваат во радиото.
Во УКЛО ФМ се слуша гласот на младите
- Кога дојдов на местото главен и одговорен уредник на УКЛО ФМ – Битола, првата задача што си ја поставив беше да формирам редакција од студенти кои волонтерски ќе се ангажираат во радиото. На мое големо изненадување, интересот беше огромен. На сите што сакаа да бидат дел од тимот им се даде шанса да ја почувствуваат мистиката на радиото - вели Тантарова-Груевска.
Низ УКЛО ФМ, во 130.000 часа емитувана радиопрограма во изминатите деценија и половина, како соработници со авторски емисии поминале над 150 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, во чии рамки опстојува како непрофитен медиум.
Емитуваат сопствена 24/7 информативна, едукативно-забавна програма на фреквенцијата 90,8, која преку серверите на УКЛО се следи и онлајн на http://uklofm.uklo.edu.mk. Заштитен знак им е и одличниот избор на музика, за што е заслужен тонскиот реализатор Љупчо Цветковски.
Бројот на студенти, професори, значајни личности од земјава и странство, граѓани, кои како гости застанале пред микрофоните на УКЛО ФМ, споделувајќи информации важни за академската и пошироката јавност, е далеку поголем. УКЛО ФМ индиректно создаде и млада новинарска база која ретко ја има на друго места.
И по дипломирањето се враќаат да кажат уште нешто
- Дел од студентите кога завршуваат со студиите, си заминуваат, па на нивно место доаѓаат други. Некои се враќаат и по дипломирањето, велат дека имаат уште нешто да кажат. А имаме и такви што во УКЛО ФМ започнале да доаѓаат како основци или средношколци, па станале студенти на УКЛО. Во изминатите 15 години работеле млади луѓе кои сега се професори, наставници, правници, адвокати, медицински лица, нутриционисти, археолози, економисти, ветеринари, информатичари, некои започнале свој сопствен бизнис, други пишуваат книги, создаваат музика... И да, има и такви кои работат и во медиуми, пишуваат за портали, имаат свои поткасти. Се радувам што сум им ја пренела љубовта за оваа професија и горда сум на секој нивни успех - вели Тантарова- Груевска.
Подготвувајќи ги емисиите, студентите истражуваат, се едуцираат, добиваат шанса да ја покажат својата креативност, да го развијат својот талент. Стекнуваат самодоверба, стануваат посигурни при јавен настап, учат правилно да се изразуваат, критички да размислуваат, тимски да работат. Ја согледуваат важноста од одговорното информирање.
„И кога конечно ќе застанат пред студискиот микрофон, оставам да ги носи магијата“, додава уредничката.
Живот посветен на новинарството
А ваквиот напредок не е ни за изненадување доколку се знае дека Тантарова- Груевска 35 години работи како професионален и докажан новинар. Има дипломирано на Интердисциплинарни студии по новинарство на УКИМ и е магистер по медиуми и комуникации. Од 1991 до 2011 година работеше како новинар во Радио Битола, беше дописник на „Утрински весник“ и „Вест“, соработник на „Битолски весник“, „ЕГО“ и „Улица’’, обучувач на млади новинари во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, а од 2011 главен и одговорен уредник на УКЛО ФМ –Битола. Наградувана е на Денови на македонското радио за најдобар водител на музичка емисија, отворена контактна програма и информативна емисија (1991, 1993 и 2001); награда од МИМ за „Најдобра радиосторија за спречување трговија со луѓе“ (2003); Награда „Тоде Петревски“ на Битолски весник (2007) и други.
- Новинарството беше исполнување на моите детски соништа - да бидам новинар како мојот татко. Во средношколските денови таа моја опсесија ме однесе во Младинската програма на Радио Битола и по дипломирањето почнав да работам таму, на почеток како волонтер, а потоа и како вработен новинар покривајќи настани од сите области на општественото живеење. Со посебно задоволство ја подготвував емисијата за деца ,,Радио уличка“, која многумина сѐ уште ја паметат - раскажува Тантарова-Груевска.
Најважно е да се зборува на стандарден македонски јазик
Вели дека работејќи во Радио Битола, научила многу работи, но најважно од сѐ - одговорноста како човек кој работи во јавен медиум да зборува на правилен македонски јазик, за што е бескрајно благодарна.
- Сега сето тоа јас им го пренесувам на студентите, средношколците и основците, кои како соработници доаѓаат во УКЛО ФМ. Ја имаме целосната поддршка од менаџментот на УКЛО, од целиот Универзитет, кој во УКЛО ФМ гледа моќен медиум отворен за сите прогресивни млади луѓе. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, нѐ нарекува и хроничари на развојот на УКЛО, а пошироката јавност нѐ препознава како градско радио - вели Тантарова- Груевска.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.