„Кафе де Анатолија“ номиниран за една од наградите за најдобрите во светската електронска музика

„Кафе де Анатолија“ номиниран за една од наградите за најдобрите во светската електронска музика

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонскиот музички бренд „Кафе де Анатолија“ со неговиот подбренд „Cafe De Anatolia LAB“ е номиниран за престижната титула „Hype Label of the Year“ на светските награди „Битпорт 2025“ во Ибица, кои се своевидни Оскари во светската електронска музика.

Оваа номинација е историски момент за македонската електронска музика бидејќи досега ниту еден македонски издавач или артист не бил номиниран на глобално ниво за ваква престижна награда. Со овој успех, „Кафе де Анатолија“ уште еднаш докажува дека македонските уметници имаат што да понудат на светската музичка сцена.

„Битпорт“, како една од највлијателните дигитални платформи за електронска музика, преку своите годишни награди ги препознава најиновативните и највлијателни издавачки куќи. Категоријата „Hype Label of the Year“ е резервирана за лејбли кои покажуваат исклучителна креативност, оригиналност и глобално влијание. Доделувањето на наградите ќе се одржи на 24 април.



Со над 100 дигитални канали, 30 милиони претплатници на „Јутјуб“ и повеќе од една милијарда прегледи, „Кафе де Анатолија“ продолжува да руши граници, носејќи ја македонската електронска сцена на самиот врв на светските трендови.

Издавачката куќа, која денес е светски бренд, беше основана од Моника Илиева, Никола Илиев (Nickarth/Rialians On Earth) и Зоран Илиев (Billy Esteban).
„Кафе де Анатолија“ е основоположник на жанрот Organic House, поставувајќи нови стандарди во електронската музика. Тоа е првиот македонски музички бренд што се појавил на билборд на Тајм сквер, Њујорк, со глобална промоција која ја зајакна нашата позиција на светската сцена.

„Кафе де Анатолија“ е најнаградуваната издавачка куќа во историјата на „Јутјуб“, со добиени 31 плакета – 3 златни (над 1 милион претплатници) и 28 сребрени (над 100.000 претплатници). Ова досега не го постигнала ниту една друга музичка етикета.