Оваа жена има необична дарба - може да ја „намириса“ Паркинсоновата болест
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Џој Милн, 75-годишна Шкотланѓанка со неверојатно остар мирис, поседува ретка способност да ја открие Паркинсоновата болест. Денес, таа соработува со истражувачката Пердита Баран од Универзитетот во Манчестер на развој на тест со брис за рана детекција на болеста, како дел од истражување финансирано од „Фондацијата на Мајкл Џ. Фокс“.
Милн, поранешна медицинска сестра, првпат станала свесна за својата необична дарба уште на 6-годишна возраст. Таа ѝ рекла на својата баба дека нејзините другарчиња „мирисаат чудно“, по што баба ѝ открила дека ова изострено сетило е наследно во нивното семејство. Подоцна дознала дека состојбата се нарекува хиперосмија и ја прифатила како свое тајно „супермоќно“ сетило.
Неколку децении подоцна, кога Милн имала 28 години, забележала поинаков, необичен мирис што доаѓал од нејзиниот сопруг Лес Милн. Не можела да го објасни во тој момент, но 17 години подоцна на нејзиниот сопруг му дијагностицирале Паркинсонова болест, на 45-годишна возраст.
Нејзината претпоставка се потврдила години подоцна кога присуствувала на група за поддршка на лица со Паркинсонова болест. Таму го почувствувала истиот мирис од внатрешноста на нечие палто. Тогаш решила да се обрати кај експерти за да открие како би можела да им помогне на другите.
Во 2013 година Милн ја запознала Баран и оттогаш тие работат заедно. За да го провери тврдењето на Милн дека може да ја „намириса“ болеста, Баран организирала мало пилот-истражување со маички кои ги носеле и пациенти со Паркинсонова болест и здрави луѓе. Милн ги мирисала маичките една по една и ги препознала сите, освен една која погрешно ја сместила во групата со Паркинсонова болест. Но, девет месеци подоцна, и на оваа личност ѝ била дијагностицирана Паркинсонова болест. Значи, Милн не само што го положила тестот, туку ја открила болеста пред докторите.
Паркинсоновата болест, за која сè уште нема лек, е најбрзорастечко невролошко нарушување во светот и второ по честота по Алцхајмеровата болест. Таа се јавува кога допаминските неврони почнуваат да опаѓаат. Болеста обично се дијагностицира дури кога 60 до 80 отсто од овие неврони се веќе изгубени, што ја прави способноста на Милн за рана детекција уште повредна.
Благодарение на Милн, Баран вели дека е „многу блиску“ до развивање тест за рана дијагноза на Паркинсонова болест и моментално работи на тест со брис во соработка со „Фондацијата на Мајкл Џ. Фокс“ за истражување на Паркинсонова болест.
Паркинсоновата болест не е единствената што Милн може да ја открие преку својот нос. Таа тврди дека различни болести имаат различни мириси.
- Знам ако на некој му се влошува дијабетесот. Исто така, можев да почувствувам ако некој има тешкотии по операција, а највпечатливото беше кога влегов во болничка сала со 18 кревети и почувствував туберкулоза. Не мириса на мувла, како што мириса Паркинсоновата болест, туку има мирис на мрсен кекс - вели таа.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Instagram