Живот без стрес - осум земји каде што се работи помалку, а се ужива повеќе

Живот без стрес - осум земји каде што се работи помалку, а се ужива повеќе

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Понекогаш изгледа како да трошиме толку многу време на работа што забораваме вистински да живееме.

Не е ни чудно што многумина мечтаат за живот во земја каде што рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот е вистински вреднувана и каде што можеш да си ја завршиш работата без да се чувствуваш врзан за канцеларијата.

Земјите во продолжение се пример дека може да се работи помалку, да не си многу оптоварен со работата и да се живее убав живот.

1. Данска


Во данските компании честопати се практикуваат флексибилни распореди, па некои вработени почнуваат порано и си заминуваат порано, додека други се приспособуваат според својот животен ритам.

Според Светскиот економски форум, Данска има најдобра рамнотежа помеѓу работата и животот на глобално ниво. Поголемиот дел од Данците поминуваат околу две третини од денот (16 часа) во јадење, спиење и уживање во слободното време.

Ова не е само практичност, туку е дел од националната филозофија наречена „хиге“, што се фокусира на удобност, топлина и уживање во едноставните нешта.

Данците уживаат многу права кога станува збор за родителско отсуство и ставаат акцент на семејното време, па воопшто не изненадува што имаат пониско ниво на стрес. Оваа култура на рамнотежа се гледа и во секојдневието - од мирното пиење кафе до попладневните прошетки во парк.

Ако некогаш сте се чувствувале како да трчате од една до друга обврска, животот во Данска може целосно да ви го смени поимот за „работа“.

2. Холандија

Холандија не е позната само по велосипедите. Оваа земја е и европски шампион кога станува збор за работа со скратено работно време.

Многу Холанѓани имаат формално скратени работни часови, но сепак заработуваат доволно за стабилен живот. Едно истражување покажа дека Холанѓаните имаат најкратка работна недела во Европа: само 32,2 часа.

И покрај тоа, продуктивноста им е висока. Станува збор за ефективно користење на времето, а потоа и уживање во остатокот од денот.

Ставот на Холанѓаните е: „Работиме за да живееме, не живееме за да работиме.“ Тој став објаснува зошто Холандија секогаш е високо на листата за задоволство од животот.

Наместо фалење со прекувремена работа, таму се ценат рамнотежата и ефикасноста - рецепт за убав живот без загрозување на кариерата.

3. Норвешка


Норвешка не е само земја на фјордови и поларна светлина. Таа нуди и култура што вистински ја вреднува рамнотежата. Работната недела обично е околу 37,5 часа, а вработените имаат и пет недели платен одмор годишно.

Она што е особено впечатливо е довербата што компаниите им ја даваат на своите вработени. Со оваа автономија доаѓа и зголемена одговорност и лојалност.

Кога луѓето се чувствуваат вреднувани и имаат реална можност да се одморат, стануваат поефикасни и посреќни.

4. Германија


Германија е синоним за ефикасност, но и за јасна граница меѓу работата и приватниот живот.

Во многу компании, откако ќе ви заврши смената, не сте обврзани да одговарате на службени повици или пораки. Тоа за некои звучи чудно, но е навистина ослободувачки.

Законот ја штити оваа рамнотежа, па вработените имаат минимум 24 дена платен одмор годишно, а постојат строги регулативи за максимално дозволените работни часови.

земји
Фото: Freepik

5. Шведска


Шведската филозофија „лагом“ значи „тамам толку колку што треба“ и тоа се применува и на работните часови.

Пред неколку години некои компании тестираа шестчасовна работна недела, предизвикувајќи голема дебата дали повеќе работа навистина значи повеќе продуктивност.

6. Франција

Французите ја воведоа 35-часовната работна недела уште на почетокот на 21 век, поставувајќи тон што ја цени слободата.

Во Франција луѓето уживаат, а добрата храна, долгиот ручек и разговорот се дел од секојдневието.

Французите не дозволуваат работата да им го проголта денот. Нивната филозофија е дека животот треба да се вкуси, а не да се трча низ него.

7. Австралија

Австралија е позната по опуштениот начин на живот, но зад тоа стои и сериозен труд за заштита на слободното време.

Иако стандардната работна недела е околу 38 часа, клучно е тоа што се поттикнува користење на одморот.

Исто така, постојат опции за подолг неплатен одмор за патување, едукација или просто пауза од животот. Во Австралија не сте само вработен, туку сте и човек кој има потреба од простор.

8. Нов Зеланд


Нов Зеланд е пример за слобода и живот надвор од шаблоните.

Многу луѓе таму прават пауза (од факултет или од работата) за патување и самоистражување. Неколку компании експериментираа со четиридневна работна недела и резултатите покажаа зголемена продуктивност и задоволство кај вработените.

Дури и во големите градови како Оукленд луѓето ја напуштаат работата навреме за да го дочекаат зајдисонцето.

Извор: Dmnews.com
Фото: Freepik