Зошто луѓето не се смеат на старите фотографии?

Зошто луѓето не се смеат на старите фотографии?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако некогаш сте ги разгледувале старите семејни албуми или историските архиви, сигурно сте забележале нешто необично: на фотографиите од 19 и почетокот на 20 век речиси никој не се смее.

Зошто насмевката, денес сосема вообичаена пред фотообјективот, тогаш била вистинска реткост?

Одговорот се крие во спојот на техничките ограничувања, културните норми, па дури и во човечката суета.

Првите фотографски процеси биле далеку од брзите и едноставни „кликни и сними“ моменти на кои сме навикнати денес. Најраната позната фотографија, направена во 1826 година, барала експозиција подолга од осум часа! Иако Луј Дагер со својот изум наречен дагеротипија во 1839 година го скратил времето на експозиција на неколку минути, тоа и понатаму било премногу долго за човек да седи мирно.

Во текот на 40-тите години од 19 век, во зависност од количината на светлина, експозицијата траела од една до една и пол минута. До 50-тите, во идеални услови, времето било сведено на неколку секунди. Но, дури и најмалото движење во тие секунди резултирало со заматена слика. Да се одржи природна насмевка без поместување дури и десетина секунди било вистински предизвик.

Затоа фотографите користеле разни техники за моделите да останат неподвижни. Луѓето често седеле потпрени на маси или столбови, а биле користени и посебни држачи за позирање, скриени зад телото, со метални потпирачи кои ги фиксирале главата и торзото за да се спречи движењето и да се обезбеди острината на сликата. На некои фотографии, особено оние со помал формат како визит-картичките, понекогаш може да се забележи основата на тие држачи.

Сепак, техничките причини не се единствениот фактор. Дури и кога технологијата напредувала доволно за да „замрзне“ насмевка, луѓето и понатаму претпочитале сериозни изрази на лицето. Зошто?

Фотографијата, во своите почетоци, ги наследила нормите од портретното сликарство. Во уметноста, широката насмевка или гримасата често се поврзувала со пониските слоеви на општеството, пијанство, лудило, неумереност или недостиг на интелигенција. Таквиот израз се сметал за несоодветен и недоличен за формален портрет.

Како што пишува историчарката Кристина Кочемидова, во ликовната уметност насмевката била карактеристична само за селани, пијаници, деца и луѓе со намален умствен капацитет. Луѓето не сакале да бидат овековечени со израз што се сметал за несериозен или глупав.

Затоа, наместо весел изглед, се избирала достоинствена, мирна, сериозна поза, нешто што се сметало за пример на граѓанска пристојност и социјален статус. Самата фотографија претставувала ретка и скапа можност за самопретставување, па и симбол на просперитет. Во таа смисла луѓето сакале да изгледаат гордо, стабилно и важно, а не како да се смеат на шега.

Со текот на времето и со поевтинувањето и поедноставувањето на фотографијата, насмевката станала сè почеста, додека денес речиси е незамисливо некој да се фотографира без барем малку да се насмевне.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Pixabay