Прифатени сугестиите на академската заедница: Дали новиот закон ќе го подигне квалитетот на високото образование?

Прифатени сугестиите на академската заедница: Дали новиот закон ќе го подигне квалитетот на високото образование?

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Доставувањето забелешки и предлози за измени на Законот за високо образование на националниот регистар на прописи ЕНЕР заврши пред велигденските празници и законот влезе во владина процедура.

Со овој закон треба да се уредат основните начела за вршење на дејностите на високото образование, автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите и надзорот над работата на високообразовните установи.

На ЕНЕР веќе се објавени новите верзии на Законот за високото образование, за обезбедување квалитет и за научноистражувачката дејност, и тврдат дека во нив се вградени конструктивните предлози од јавните дебати, состаноците и коментарите од академската заедница.

- Во изминатиот период од академската заедница увидоа дека многу од забелешките што ги дадоа се прифатени. За некои од нив јас лично не се согласував, но комисијата одлучи дека треба и ние ги прифативме - рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.



Според МОН, станува збор за законски решенија што треба да одговорат на, како што наведува, повеќегодишниот пад на квалитетот во високото образование и слабата активност на науката.

-Повеќе сугестии што се предложени од академската заедница се прифатени и интегрирани во предлог-законот за високо образование. Освен технички корекции, посочуваме дел од поважните: прифатено е намалување на бројот на трудови потребни за втор и трет циклус студии, прифатено е барањето на наставниците од општествено-хуманистичките науки базата Scopus да биде релевантна за бодирање, без исклучување на Web of Science, а дополнително и Националниот совет за високо образование да креира нова база на списанија за бодирање при изборите во звања. Намален е еден член од Владата да учествува во работата на Советот на универзитетот - велат од МОН.

Со новиот предлог-закон ќе се воведе и поинаков начин на финансирање на универзитетите затоа што ќе бидат должни да доставуваат петгодишен план за своите финансии, поделен по секоја година. Доколку еден универзитет оствари 75 проценти од предвиденото годишно трошење, ќе добие стимул од уште 20 проценти средства. И обратно, ако не го оствари планот за трошење, средствата ќе му бидат намалени за 20 проценти.

Во Универзитетскиот совет се планира да има и владини претставници кои треба да вршат увид во трошењето на средствата.
Ќе постои и т.н. „Ѕид на срамот“, за изработени дипломски и магистерски трудови со цел да се елиминира црниот пазар на трудови на кој може да се купи готов магистерски труд или докторат за 400 до 500 евра.

Втората мерка што се планира е магистерските и докторските теми да одат на оглас кај студентите и професорите.
Најголемата промена е враќањето на критериумите за избор во универзитетски звања, при што за редовните професори се воведува реизбор на секои седум години, а за менторите на секои пет години.

За веќе избраните редовни професори за кои нема ретроактивно да важи оваа измена, законот предвидува друг механизам: тие ќе доставуваат извештаи до деканите дека менторирале постдипломски и докторски студии и дека биле вклучени во наставата и науката.

Седум научни труда, од кои четири треба да се со ИМПАКТ-фактор, ќе бидат услов за добивање звање редовен професор на некој од универзитетите, предвидува новината во Законот за високо образование.

Шест научни труда ќе бидат потребни за доцент, од кои три со ИМПАКТ-фактор, а за вонреден професор шест научни труда, од кои четири со ИМПАКТ-фактор, додека за асистент ќе биде потребно да се објават два труда во научни списанија.



Овие измени во Законот за високо образование треба да го вратат УКИМ на Шангајската листа со оглед на тоа дека за влез таму е потребно да се публикуваат 1.200 научни трудови со ИМПАКТ-фактор. Неофицијално, најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ годишно продуцира од 300 до 400 трудови со ИМПАКТ-фактор.

Во меѓувреме Форумот за образовни промени (ФОП) излезе со остра реакција по повод новиот закон за високо образование. Како што велат оттаму, конечната верзија на законот само потврдува дека јавните консултации биле „фасада на демократијата, театар во кој студентите и професорите се статисти“.

Од Форумот во реакцијата наведуваат повеќе забелешки, меѓу кои и дека Националното студентско тело во кое членуваат сите универзитетски студентски собранија од државните и приватните универзитети нема да биде правно признаено. Според ФОП, причината за тоа е стравот на властите од обединување на студентите.
Правното признавање на оваа организација би го оневозможило она кон кое овој закон цели, односно фрагментација, соопштуваат од ФОП.

Оттаму велат дека ниту Советот за етика нема да биде формиран со новиот закон, па така, „без независни механизми, плагијаризмот, фалсификувањето и академската злоупотреба ќе продолжат“.
Не бил прифатен ниту предлогот на ФОП да остане одредбата што изречно забранува избор во наставно-научни и соработнички звања на лица кои се роднини по крв во права линија на ист факултет.
Исто така, од Форумот известуваат и дека нивното барање за директен пренос на седниците на универзитетскиот сенат, највисокиот орган во универзитетот кој донесува значајни одлуки, е одбиено.

Претходно, од Независниот академски синдикат (НАкС) до Министерството за образование и наука беше испратена листа со забелешки за сите три нацрт-закони – за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност. Оттаму тогаш соопштија дека дел од нивните забелешки биле игнорирани, а законските решенија суштински останале непроменети.

-Во сите три предложени текстови очигледно е нарушувањето на универзитетската автономија, преку одземање на надлежностите на независните тела и нивно префрлање на МОН. Овие законски решенија не овозможуваат доволна независност во финансиското работење и оставаат простор за притисок од власта врз кадровските политики на високообразовните установи (ВОУ) - велат од НАкС.

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.

Фото: приватна архива