Сто илјади гејмери ја оспорија теоријата на Ајнштајн!

Сто илјади гејмери ја оспорија теоријата на Ајнштајн!

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска



Кога во 1935 година Алберт Ајнштајн го завршил својот научен труд за квантното спојување (физички феномен каде што честичките меѓусебно си дејствуваат на начин при што не може да се утврди квантната состојба на честичката, туку само се зема квантната состојба на системот во целост), истакнал дека таквото однесување на честичките е невозможно затоа што ја крши Теоријата на релативноста.

Ајнштајн сметал дека веројатно постои некаква скриена варијабла која би можела да ја објасни квантната врска, но сè уште не била откриена.


Гејмер со џојстик игра видеоигра со тркање.
(Фото: Pixabay)


Да ја објасниме целата теорија. Замислете дека ставате еден портокал и едно јаболко во две непроѕирни кутии и праќате две деца на две спротивни страни, секое со по една кутија во рацете. Она што Ајнштајн, но и физичарот Џон Стјуарт Бел го потенцирале е дека сè додека не се спроведе „мерење“, односно додека детето не погледне во кутијата, не знае дали во кутијата има јаболко или портокал. Во оној момент кога детето ќе погледне во кутијата, ситуацијата се менува затоа што сега тоа дознава дека има јаболко, а дека другото дете има портокал. Фактот дека погледнало во кутијата ја променил ситуацијата.

Ајнштајн сметал дека две честички (во овој случај јаболко и портокал) некако комуницираат меѓусебно за да си дојават дека ситуацијата се променила.

Но, да се вратиме на науката. Научниците со години вршеле разни експерименти во обид да докажат дали Ајнштајн бил во право или не. Всушност, проблемот бил што за докажување на случајното движење и однесување на честичките било потребно да се изгради генератор на случајни квантни битови, односно да се тестира квантната физика со користење квантен систем.

Затоа научниците осмислиле експеримент за тестирање на теориите на Ајнштајн и Бел, без притоа да користат квантен систем. Научници од 12 лаборатории низ светот одлучиле да спроведат тест, за што им била потребна најдобрата „машина“ за случаен избор – човекот.

Така на крајот на 2016 година е спроведен експериментот наречен „Биг Бел тест“, а резултатите подоцна биле објавени во списанието „Nature“. Повеќе од 100 илјади луѓе учествувале во тестот, при што имале само една задача – да играат видеоигра во која нивните одлуки биле целосно произволни. Играчот се движи низ некое подрачје, и кога ќе се сети, кликнува на 1 или 0. Во текот на „шетањето“ се среќава со други ликови и тогаш задачата му е да го погоди она што другите не го погодиле. Всушност, сè се сведува на произволност и случаен избор.

Резултатите од „видеоиграта“ потоа биле праќани во пет лаборатории каде што научниците следеле колку нивните избори биле навистина случајни и произволни. Во текот на еден ден играчите создале повеќе од 97 милиони битови, што овозможило експериментот да трае полни 12 часа. Сите собрани податоци создале совршен код за мерење на квантната врска меѓу честичките во 12 лаборатории низ светот.

Но резултатите од спроведените експерименти во различните лаборатории докажале дека Ајнштајн и Џон Стјуарт Бел не биле во право, и дека квантните честички меѓусебно не разменувале информации со брзина на светлината, односно не комуницирале меѓусебно.

Иако можеби ваквите резултати не изгледаат како многу важни, тие отвораат пат кон подлабока апликација на квантната физика во пренесувањето информации, но и во квантната криптографија и квантното компјутерство.