„Епл“ и „Гугл“ заедно развиле стандард против несакано следење од уредите за утврдување локација

„Епл“ и „Гугл“ заедно развиле стандард против несакано следење од уредите за утврдување локација

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Откако се појавија на пазарот, малите локациски следачи („Блутут тракерс“ Bluetooth trackers) предизвикуваат контроверзии. Иако се наменети за означување на различни предмети што може да се изгубат, како куфери, клучеви, паричници и слично, тие можат да се користат и за следење на локацијата на луѓето.

Крај на аматерското „шпионирање“

Сепак, „Епл“ и „Гугл“ многу брзо го сфатиле тоа, па почнале да ги известуваат корисниците на мобилни телефони (од чии ГПС-модули зависи лоцирањето) кога туѓиот локатор е во нивна близина подолго време. Сега се оди чекор подалеку бидејќи двете компании, кои поседуваат речиси 100% од светскиот пазар на мобилни оперативни системи, создале заеднички стандард за да спречат злоупотреба на ознаките за локација.

Корисниците на „иОс“ и „Андроид“ во иднина ќе добиваат известување во случај нивниот мобилен телефон да открие непознат уред за локација со блутут или ако забележи дека веќе некое време се движи со корисникот. Новина е што постојната функционалност сега ќе работи независно од оперативниот систем, па сопствениците на „ајфон“ ќе добиваат известувања за тракерите кои се вообичаено наменети за „Андроид“, а сопствениците на мобилни телефони со „Андроид“ ќе можат да детектираат присуство на други уреди.

Функцијата ќе биде достапна за сите корисници на „иОс“ на верзија 17.5 или понова, како и на оние на „Андроид 6.0“ или понова верзија. Независните производители на тракери „Чиполо“, „Еуфај“, „Џио“, „Моторола“ и „Пеблби“ потврдиле дека ќе ги усогласат своите претстојни производи со новиот стандард.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik