МОН ќе ги покрива трошоците за учество на средношколци на меѓународни научни олимпијади

МОН ќе ги покрива трошоците за учество на средношколци на меѓународни научни олимпијади

За здруженијата на наставници кои испраќаат средношколци на некоја од 15. меѓународни научни олимпијади, како и за семејствата на учениците, завршуваат грижите поврзани со учеството од финансиски аспект. Наместо самостојно да финансираат или да бараат спонзори, отсега трошоците за учество на овие престижни меѓународни натпреварувања ќе ги покрива државата.

Ова е една од придобивките на измените на Законот за средно образование кои беа усвоени минатиот месец. Министерството за образование и наука на својата веб-страница веќе објави јавен повик наменет за акредитирани здруженија на наставници кои организираат натпревари за средношколци, со цел покривање на трошоците за котизација и пат, односно за учество на една од 15. меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad). Во зависност од правилата на организаторите на секоја поединечна меѓународна научна олимпијада, ќе се финансира учеството на најмногу шест ученици и двајца ментори.

Едно акредитирано здружение може да добие финансиски средства за учество само на една олимпијада. Пријавувањето е електронски преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk и најдоцна до 31.10.2025 година.