Научници: 5Г-брановите не се штетни за здравјето на луѓето

Научници: 5Г-брановите не се штетни за здравјето на луѓето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема докази дека 5Г-технологијата е штетна за здравјето, што е потврдено од нова научна студија која детално го анализирала влијанието на електромагнетните бранови што ги користат 5Г-мрежите со цел конечно да ѝ се стави крај на оваа дебата, наведуваат авторите.

За време на пандемијата на коронавирусот, 5Г беше цел на теории на заговор кои, без никакви докази, ја поврзаа со ковид-19. Но, истражувачите од Универзитетот „Конструктор“ сега изложија два вида клетки на човечка кожа - фибробласти и кератиноцити - на електромагнетни бранови над препорачаните безбедносни граници, во текот на 48 часа.

Резултатите покажуваат дека дозволените нивоа на изложеност на 5Г-бранови не ја оштетуваат човечката кожа, ниту предизвикуваат промени на генетско ниво или епигенетски обрасци. Студијата е објавена во списанието „ПНАС нексус“.

-Овие резултати придонесуваат за разјаснување на неизвесностите во базата на докази - велат авторите.

Што тестирале и зошто?

Мобилните телефони и слични уреди пренесуваат податоци безжично, преку електромагнетни бранови во специфични фреквенциски опсези. Поради зголемениот сообраќај, овие опсези стануваат преоптоварени, па затоа беше воведена 5Г технологијата, која користи поширок спектар, вклучувајќи фреквенции помеѓу 24,3 и 43,3 гигахерци.

Додека брановите до 3 гигахерци продираат во кожата до длабочина од 10 милиметри, оние над 10 гигахерци, што вклучува 5Г, продираат само 1 милиметар во површината на кожата.

И покрај ова, многумина се загрижени за можните последици од 5Г-технологијата, особено бидејќи почнуваат да се користат повисоки фреквенции.

Според истражувачите, проблемот е што претходните студии имаа сериозни методолошки недостатоци, како што се недостиг на контрола на температурата, недостиг на „слепо тестирање“ и нетранспарентна статистика.


Што покажа оваа студија?

Новата студија користела слепо тестирање и контрола на температурата, што значи дека биле елиминирани сите можни извори на грешка. Клетките на кожата се изложени на 5Г-фреквенции од 27 и 40,5 гигахерци  вклучувајќи нивоа далеку над препорачаните граници.

Резултатите се јасни: немаше значајни промени во генетската експресија или епигенетските обрасци (метилација на ДНК). Со други зборови, дури и под најнеповолни услови на изложеност, клетките на кожата не покажуваат знаци на оштетување.

Што е со загревањето на ткивата?

Авторите забележуваат дека многу силните радиофреквентни бранови, како оние што се користат во безжичните мрежи, можат да ги загреат ткивата. Но, овој ефект се јавува само кога нивоата на изложеност се далеку над безбедносните стандарди.

Во оваа студија, контролата на температурата го отстранила и овој ефект, дополнително доведувајќи го во прашање постоењето на каков било биолошки ефект неповрзан со топлината.

Оваа студија се приклучува на растечкиот број научни докази што потврдуваат дека 5Г-технологијата не претставува ризик за здравјето на луѓето. Ако има нешто за кое треба да бидеме загрижени, тоа не е сигналот, туку зголеменото време поминато пред екраните.

Извор: index.hr

Фото: Freepik