Вработен сум додека студирам - дали ги губам студентските права?

Вработен сум додека студирам - дали ги губам студентските права?

Од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ подготвија мал прирачник за правата на студентите кои ќе се решат да работат додека студираат.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост.

1. Доколку се вработам како студент, дали го губам статусот на редовен студент?

Помеѓу студентите, факултетските установи и министерствата, но и во општата јавност постои уверување дека доколку студентот стапи во редовен работен однос, односно се вработи со полно работно време или пак со скратено, по автоматизам се губи статусот на редовен студент и ги губат правата на стипендија, оброк, превоз и домување. Но, дали е тоа така?

Не. И тоа е во интерес на сите страни.

Овој текст ја објаснува законската рамка и правилниците поврзани со ова прашање за да им помогне на студентите да донесат информирана одлука и да ги избегнат непотребните стравови и дезинформации.

Ниту во Законот за работни односи ниту во Законот за високо образование не постои член, ниту став со кој е утврдено дека доколку студент се вработи, го губи статусот на редовен студент и преминува во вонреден, а со тоа и премин од плаќање на партиципација (државна квота која изнесува околу 200 евра) кон плаќање на школарина (приватна квота која изнесува околу 400 евра).

Во Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв циклус студии (додипломски студии) и втор циклус студии (постдипломски студии) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Универзитетски гласник бр. 417/2019), во членот 16 е утврден статусот на студент односно редовен и вонреден. Во истиот е дадено право на студентот да се запише како вонреден доколку ги исполнува критериумите во ставот 3. Во членовите 17, 18 и 19 се утврдени случаи во кои студентот може да премине од редовен во вонреден и обратно, но во ниту еден од овие 4 члена не се утврдени ставови во кои студентот доколку се вработи го губи статусот.

Дополнително значајни членови од Правилникот се следните:

Премин на студентот од квота со партиципација во квота со школарина

Член 23

Студент запишан во квота со партиципација го губи статусот на студент запишан во квота со партиципација и ги продолжува студиите во квота со школарина ако:
● еден предмет запишува по трет пат;
● не освоил најмалку 50% од запишаните кредити во одреден семестар до почетокот на наредниот соодветен семестар (зимски, односно летен);

Редовност на студентите на настава

Член 33

Доколку е предвидено со студиската, односно предметната програма, редовните студенти се должни да ги посетуваат, односно да ги извршуваат сите облици на настава утврдени со предметната програма, за што може да се добијат соодветен број поени. 

Евиденцијата за присуство и за активност на час се изразува во поени, како што е предвидено со предметната програма. 

На студент кој оправдано изостанал од кој било дел од наставата, на негово барање може да му се овозможи изостанатиот дел да го надомести.



Согласно горенаведените членови, во ниту еден не е утврдено дека со вработување студентот го губи статусот на редовен студент и преминува во квота со школарина.

Студентот, сепак, може да го загуби правото на редовен студент доколку не присуствува редовно на наставата односно работи за време на предавањата, преку губење на можноста да полага предмети, а тоа доведува до ставовите од член 23.

Но, во овој случај статусот на редовен студент не се губи поради тоа што студентот се вработил, туку поради тоа што не посетувал редовно настава. На пример студентите кои работат по предавањата со цело или, пак, скратено работно време, а во меѓувреме и посетуваат предавања, не го губат статусот на редовен студент.

2. Доколку се вработам како студент, дали ги губам правата за студентски оброк, превоз, домување и стипендија?

Студентски оброк

Со најновите измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, студентите доколку се вработени, не го губат правото за користење на оваа мерка. Она што се јавува како услов е следното:

Член 9

(1) Корисници на субвенциониран студентски оброк се редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклуси на студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во Републиката, државјани на Република Северна Македонија и
кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.

Студентите во моментов се ограничени со висината на примањата, но не со вработувањето, односно студентите можат да ја користат оваа мерка работејќи со скратено работно време, вршејки кратки работни ангажмани, практична работа и работа со полно работно време со примања не поголеми од минималната плата.

Студентски превоз

Студентите кои ја користат мерката бесплатен градски превоз во Скопје, не се ограничени од истата доколку се вработени.

Студентско домување

Според Конкурсот за прием на студенти во државните и приватните студентски домови за студиската 2024/2025 година, вработувањето на студентот не претставува дисквалификациски фактор за добивање сместување.


Вработеноста на студентот може да влијае на рангирањето само доколку неговите лични приходи значително го зголемуваат вкупниот семеен приход, што може да го намали бројот на поени во категоријата на материјална положба. Сепак, самото вработување не е причина за дисквалификација.

Студентски стипендии

Според Конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2024/2025 година, објавен од Министерството за образование и наука, вработеноста на студентот не претставува дисквалификациски фактор за добивање стипендија.


Вработеноста на студентот може да влијае на проценката на материјалната положба, особено ако неговите приходи значително го зголемуваат вкупниот семеен приход. Сепак, самото вработување не е причина за губење на правото на стипендија.



Заклучок

Вработувањето за време на студиите не претставува автоматска пречка за задржување на статусот на редовен студент, ниту пак води до губење на правото на студентски оброк, стипендија, превоз или сместување во студентски дом.

Сè додека студентот ги исполнува основните академски обврски – неговиот работен ангажман може да биде усогласен со студентскиот статус и обврските што произлегуваат од него.

Дури и при вработување со полно работно време, не постои формална обврска за премин во вонреден статус, освен во случаи кога работата значително го отежнува или оневозможува исполнувањето на академските обврски.

Важно е студентите, факултетите, институциите и работодавачите да бидат информирани на оваа тема, бидејќи ова обезбедува  флексибилност и сигурност за студентите да стекнат работно искуство без загрозување на нивните академски права. Од аспект на работодавачите, ова значи пристап до млад кадар кој може легално да се вработи без да се соочува со административни пречки, што директно придонесува за намалување на сивата економија и нелегалната работа. Дополнително, подобрата информираност ја намалува дезинформацијата меѓу студентите и работодавачите и институциите, создавајќи појасна правна рамка за нивните права и обврски, што е во интерес на целото општество и економијата. 

Затоа, добро информирајте се, планирајте внимателно и искористете ги можностите што ги нуди студентскиот статус.

ЛИНКОВИ ДО ДОКУМЕНТИ: