Нов проблем со истекување воздух на Меѓународната вселенска станица, НАСА молчи

Нов проблем со истекување воздух на Меѓународната вселенска станица, НАСА молчи

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На Меѓународната вселенска станица повторно е забележано истекување на воздухот, а НАСА веќе одложи едно полетување со екипаж до орбиталната лабораторија поради тоа.

Сепак, вселенската агенција не открива многу детали за ситуацијата во орбитата. Извори тврдат дека истекувањето е сериозна грижа за агенцијата, особено затоа што се работи за хардвер кој е во употреба речиси три децении.

За подобро разбирање на сегашната состојба, треба да се потсетиме на претходните истекувања на воздухот на станицата, која е изградена од алуминиум. Од 2019 година на станицата постои бавно, но постојано истекување на воздухот. Изворот на истекувањето е во преносниот тунел на рускиот сервисен модул „Ѕвезда“, еден од најстарите делови на комплексот, чиј прв елемент беше лансиран во 1998 година. Преносниот тунел, познат по руската кратенка ПрК, го поврзува модулот „Ѕвезда“ со пристанишниот отвор каде што се прикачуваат леталата „Сојуз“ и „Прогрес“.

Руските космонаути се обидуваа да ги поправат малите пукнатини, но досега успеаја само да го забават истекувањето.

Што се случува сега?


„Роскосмос“ неодамна објави дека на почетокот на овој месец ги заврши најновите поправки на модулот ПрК, наведувајќи дека е „целосно запечатен“. НАСА потврди дека се извршени поправките и дека истекувањето во модулот е запрено.

Ова се чинеше како добра вест. Но, според два извора, вкупниот воздушен притисок на станицата продолжи да паѓа. Па, ако модулот ПрК не пропушта, како што тоа го правел со години, зошто сè уште се губи воздух?

Никој не знае сигурно. Најверојатно сценарио е дека самите блокатори на вратата што води до ПрК сепак пропуштаат. Во тој случај, притисокот од станицата навлегува во модулот преку тие блокатори создавајќи илузија дека модулот не губи воздух иако и понатаму има истекување.

Во моментов НАСА го следи развојот на истекувањето и се подготвува за сите можни сценарија. Ова е една од причините зошто агенцијата ја одложи комерцијалната мисија „Аксиом-4“ со четворица астронаути.

- Одложувањето на мисијата „Аксиом-4“ овозможува дополнително време за НАСА и „Роскосмос“ да ја проценат ситуацијата и да утврдат дали се потребни дополнителни проверки. Нов датум за лансирање на четвртата мисија со приватни астронаути ќе биде објавен штом ќе биде познат - се вели во соопштението на НАСА.

Што е најлошото што може да се случи?


Најлошото сценарио за Меѓународната вселенска станица е дека тековните истекувања се знак на појава позната како „замор при високи циклуси“, која влијае врз металот, вклучувајќи го и алуминиумот. На пример, ако една жичка се свитка еднаш, ќе се свитка. Но, ако ја виткаш напред-назад повеќе пати, ќе се скине. Со текот на времето металот се заморува, се стврднува и на крај пука. Тоа може да се случи ненадејно и без предупредување, како што се случи со летот на авиокомпанијата „Алоха“ во 1988 година.

Стравот е дека некои метални структури на станицата би можеле брзо и катастрофално да откажат. Затоа НАСА во своите претходни процени го класифицира проблемот со пукнатини во структурата како највисоко ниво на загриженост.

Во меѓувреме, агенцијата не дава дополнителни информации. НАСА сè уште нема закажано прес-конференција и единственото што јавно го соопшти е тоа дека екипажот на Меѓународната вселенска станица безбедно ги извршува вообичаените активности.

Извор: Arstechnica.com
Фото: NASA/Roscosmos