Пет фасцинантни факти за човековиот мозок

Пет фасцинантни факти за човековиот мозок

Подготвил: Билјана Арсовска

Човековиот мозок е комплициран орган. Тој е одговорен за нашиот идентитет, го контролира дишењето, идентификува задоволство и болка и ја штити нашата имагинација. Но, сѐ уште знаеме многу малку за него. Еве неколку факти за мозокот.

1. Оштетувањето на мозокот нема да ве убие, но може да го промени вашето однесување

Во 1848 година, американскиот надзорник на железници Фениес Кејџ преживеал неверојатна несреќа кога прачка била забиена во неговата глава. Тој ја преживеал несареќата со релативно мали физички оштетувања, освен слепилото на едното око, но неговите пријатели забележале дека по несреќата, некогаш учтивиот и промислен Кејџ станал неодговорен, дрзок и безобразен. Во несреќата на Кејџ му бил оштетен префронталниот кортекс и тоа им помогнало на научниците да сфатат дека оштетувањето на тој дел од мозокот моќе да резултира со промени во однесувањето.

2. Има три типа на меморија

Хелен Томсон, авторка и научен консултант, објаснува дека има три фази, или видови на меморија:

-Сензорна меморија: првата која влегува во вашиот мозок. Стимулирана преку гледање, слушање, вкусување, мирисање и допирање. Трае само неколку секунди и му помага на мозокот да формулира чувство за вашата околина;

-Краткотрајна меморија: го доловува она за што размислувате во моментот и се вели дека има ограничен капацитет од седум нешта кои може да се задржат во мозокот 15 до 30 секунди;

-Долготрајна меморија: овозможува „патување низ времето“ во минатото и преку процесирање на искуствата, ја предвидува иднината преку сфаќањето на смислата на светот околу вас.

3. Мозокот може сам да се поправа

Иако некогаш се мислеше дека мозокот е фиксиран од раѓање, со одреден број на клетки и невронски мрежи, откриено е дека мозокот всушност може „да си ја надомести штетата“ по повреда или оштетување.

Оваа „невропластичност“ овозможува учење нови вештини. Доказите за невропластичноста може да се видат кај пациенти кои се опоравуваат од удари. Ако невронското оштетување се случи пред 5-годишна возраст, капацитетот за церебрална реорганизација е поголем.

4. Тинејџерите не можат против своето однесување


Професорката Сара-Џејни Блејкмор вели дека мозокот на адолесцентите треба да се негува заради неговата ранливост и екстремна креативност додека преживува екстензивен развој.

Однесувањето на адолесцентите, кои бараат сензации, се интензивира од 10-годишна возраст и подоцнежните тинејџерски години, го достигнува врвот на 19 години и потоа опаѓа во 20-ите. Се мисли дека можеби има еволуциска цел за нагласување: потребата да се стане независен.

Слично однесување е забележано и кај животните, вклучително глувците и мајмуните.

5. „Огледалните неврони“ ни помагаат да чувствуваме емпатија

Дали некогаш сте се запрашале зошто се сепнувате кога гледате жесток фудбалски натпревар на телевизија, или ви се плаче кога некој друг плаче? Емпатијата доаѓа од огледалните неврони, откриени од Џакомо Рицолати во 1991 година.

Невроните не се ограничени само на областите од мозокот поврзани со движењето, туку може да се најдат и во областите поврзани со емоции, чувства и намери. Тие се активираат кога се движите и кога ќе видите некој да се движи, што резултира со несвесно имитирање на акцијата.

Можете да ја тестирате теоријата со тоа што ќе го држите јазикот исплазен пред бебе и ќе го гледате одговорот. Огледалните неврони ни помагаат да ги толкуваме, разбереме и сочувствуваме со постапките на другите.