Холивудскиот актер Д. В. Мофет режира во Драмски: Го учам македонскиот јазик, најтешко ми оди со членот кај зборовите

Холивудскиот актер Д. В. Мофет режира во Драмски: Го учам македонскиот јазик, најтешко ми оди со членот кај зборовите

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Жена ми секогаш вели дека сум многу среќен затоа што сум доволно познат за реакции од типот... „еј ти си тој типот од таа серија“, а не сум Бред Пит, кој буквално нема приватен живот, се шегува Мофет, кој ја режира претставата „Несоодветно за на работа“, чија премиера е закажана за 27 јули во Центарот за култура „Григор Прличев“ во рамките на „Охридско лето“

Непосреден, срдечен и многу благодарен што е во Македонија и што има можност да работи со наши актери - познатиот холивудски актер и режисер Доналд Ворен Мофет неколку недели е гостин на Драмскиот театар од Скопје, каде што ја поставува театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд. Претставата ќе има премиера на 27 јули во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, а улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Зоран Љутков, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ и Сања Арсовска.

Д. В. Мофет го учи и македонскиот јазик, ја разбира кирилицата и признава дека најтешко му оди со буквите и членот во зборовите, но не се откажува. Врската со Македонија настана пред неколку години кога беше ангажиран како вид советник на снимањето на ТВ-сериите „Инсајдер“ и „На терапија“.


Доналд Ворен Мофет

Богатата театарска, филмска и телевизиска кариера на овој уметник трае повеќе од 30 години. Улогите во „Украдена убавина“ на Бертолучи, „Traffic“ на Содерберг, „Twisted“ на Филип Кофман веројатно повеќе ги паметат повозрасните. Помладите сигурно ќе се сетат на неговиот лик од многу ТВ-серии, меѓу кои „The Oldest Rookie“, „Hidden Palms“, „Skin“, „For Your Love“, „Chicago Sons“ и „Life is Wild“, „Friday Night Lights“, „Happily Divorced“, „Switched at Birth“ и други.
Дипломирал на Универзитетот „Стенфорд“. Тој е еден од основачите на „Remains Theatre Ensemble“ од Чикаго. Играл и на „Бродвеј“ (The Boys of Winter“, „The Real Thing“, „The End of Day“), а со Кевин Спејси беа дел од актерската екипа на „The Philadelphia Story“ во славниот лондонски театар „Олд Вик“ во 2005 година. Последните неколку години е декан на Катедрата за филм и телевизија на Савана колеџ за арт и дизајн во Џорџија (SCAD).

Пријатен за разговор, овој актер многу отворено ни зборуваше за светот на познатите и за тоа колку не е едноставно да се занимаваш со уметност во САД.

Какви се Вашите импресии за Скопје и за луѓето што ги запознавте, пред сѐ, во Драмскиот театар?

- Јас сум импресиониран што во Македонија толку добро го познавате англискиот јазик. Тоа ми се потврди и кога бев во други мали земји. Тоа што го обожавам од Македонија е што не можам да видам многу американски влијанија. За мене тоа е интересно - да бидам во Европа, но многу далеку од Америка. Овде сум три недели. Импресиониран сум од театарот, администрацијата, а особено од актерите. Се надевав дека нема да имам тежок процес, но испадна дури и полесно отколку што замислував. Со менаџерката на театарот, Викторија Рангелова, и нејзиниот тим избравме многу убав текст. Јас читам кирилица и можам да го следам текстот.


На сцена со актерите од Драмски театар

Ги побарав најдобрите актери и верувам дека ги добив. Од почетокот бев одлично прифатен. Нешто што многу ги изненади актеритe од првите проби е начинот на кој работам, а тоа значи дека не седиме на маса со недели и читаме. Од нив дознав дека овде принципот почесто е таков. Јас прифаќам идеи, не се водам дека само моето мора да биде. Комедијата има одреден ритам, мелодија, математика и во неа мора да сте прецизни. Има некои технички работи со кои сакав да им помогнам. Тие се инстинктивно одлични актери. На почетокот увидов малку филмично играње, но стана јасно дека мора да играме понатуралистички зашто претставата е многу луда и ако играат така, тоа ќе биде премногу за публиката.

Приказната во текстот е една женска тема, за вредноста на женското тело и деградацијата на жената во општеството. Ќе види ли публиката во Охрид добар британски хумор?

- Во основа, претставата е за деградацијата на женското тело и улогата на жената во општеството, но не е само за жени, туку и за моќ и за тоа како се залажуваме себеси. Ова е комедија со заби и многу е смешна. Кирквуд припаѓа на генерацијата англиски писатели што пишуваат брзи дијалози, големи измени во сцените и на чуден начин ме потсетува на Сем Шепард. Текстот вели едно, а поттекстот е нешто сосема друго. Текстот е малку поширок од типичниот англиски хумор и е поголем од типично. Се разбира, некои шеги моравме да ги приспособиме за да функционираат кај македонската публика. Во еден момент е многу смешно, но и многу сурово.



Се добива впечаток дека театарот е Вашата прва љубов. Можно ли е во Америка актер да живее само од театар?

- Преку театарот стигнав до сите други форми на изразување. Сигурно тоа е мојата прва љубов. Трагедијата во Америка е тоа што ако имате семејство и деца, невозможно е да живеете само од театар, освен ако не сте бродвејска ѕвезда број еден и нонстоп работите. Тоа е лудо. Подобро живеат театарските режисери, кореографи, продуценти, ама не и актерите. Единствено на „Бродвеј“ можат да се пофалат актерите. Но, за да стигнете таму, треба веќе да бидете холивудски познат актер за да сте добро платени. На пример, претставата што ја спремаме во Драмски, да требаше да игра на „Бродвеј“ од шест актери, четворица ќе мораа да бидат филмски ѕвезди за да го добијат проектот и да можат да играат. Додека на офф-Бродвеј неделно може да заработувате по 600 долари, да живеете во мал стан или да делите простор. Ако сакате со семејство, тоа е тешко. Јас познавам танчари на „Бродвеј“ што играат во мјузиклот „Мачки“ цели 16 години и тоа осум шоуа неделно! Можете да замислите што е тоа? Но, заработуваат и мора да ја задржат работата. Оти не се знае кога ќе ја добијат следната шанса за големо шоу.
За мене е многу чудно што кај вас имате вработени актери кои не играле со години. Мора да постои баланс помеѓу нашиот и вашиот систем. Ако не играте пет години, зошто земате пари што можат да му бидат дадени на помлад актер  кој е талентиран? Мислам дека во Германија исто така имаат компании, што е добро, но мора да има начин компанијата да биде постојано обновувана, ако стагнира во тимот, тоа ќе се одрази на сцената. Очигледно Викторија ми ги даде најдобрите актери и немам таков проблем.

Јас сум голем обожавател на германскиот театар, зборувам германски и многу би сакал да работам таму. Се обидов да издејствувам претстава од мојот театар да гостува, ама ми рекоа дека 12 актери се премногу, дека може да се донесат  најмногу 6 актери.
Мојот театар го почнавме во 1979 година, опстана 16 години, што за американски услови беше голем успех. Мои добри пријатели го имаат театарот „Step wolf“ кој работи 40 години. Тоа е невиден успех!


Во 2005 година во лондонскиот „Олд вик“ игравте со Кевин Спејси во претставата „Филаделфиска приказна“. Каква беше Вашата соработка?

- Го познавам Кевин 35/36 години. Кевин го презеде „Олд вик“ и на „Филаделфиска приказна“ сакаше да работи со луѓе што веќе ги познава. Многу ми е жал за тоа што му се случи (скандал за сексуална злоупотреба и исклучување од сите постојни ТВ и филмски проекти, н.з). Мислам дека имаше проблем и некако беше опсесивен кон секое убаво момче. Тоа станува зависност и проблем. Сметам дека требаше да се извини доколку било вистина и да се надмине целата ситуација.
Тој е еден од најдобрите актери со кои сум работел. Тој е маестрален на театарската сцена. Тој можеше уште многу да ѝ даде на уметноста.
Во денешно време секој многу лесно може да обвини некого и јавноста да го осуди без ништо да се докаже.

Посакувате ли повеќе проекти на Холивуд?

- Мора да признам дека мора да се живее од нешто. Без разлика дали пишувам, глумам или режирам, морам да работам. Мојот избор е да работам на нешто што е добро. Ако нешто е добро, подготвен сум да работам и за помалку пари, а ако не е добро, се трудам барем да наплатам добро. Ме следи среќа што можев да работам многу во Лос Анџелес и да бидам блиску до моето семејство, кое многу сака да патува со мене и доаѓа речиси секаде кај што работам. Тие се еден вид номади.


Сцени од филмови во кои игра актерот Доналд Ворен Мофет


Каде е местото на актерите во американското општество, особено на актерите? Се чувствувате ли привилегирано, можеби?

- До некое ниво, да. Жена ми секогаш вели дека сум многу среќен затоа што сум доволно познат за реакции од типот... „еј ти си тој типот од таа серија“, а не сум Бред Пит, кој буквално нема приватен живот. Интересно е што јас не сум популарен по филмот на Бертолучи, ни по филмот на Филип Кoфман, или Содерберг, туку сум познат по ТВ-шоуа, а некои од нив не се ниту добри. Овде во Македонија луѓето ме препознаваат од серијата „Заменети при раѓање“ (Switched to birth), на пример. Мислам дека тоа е добро ТВ-шоу и среќен сум што луѓето да ме препознаваат оттаму. Има многу попопуларни луѓе од мене во ЛА и таму сум многу нормален, но ако сум во Кентаки или Синсинати, тогаш реакциите се многу поодушевувачки.



Како го паметите Бертолучи, со кој го снимивте филмот „Украдена убавина“ во 1996 година?

- Бертолучи беше посебен режисер. Тој ме забележал во филм што го режираше неговата жена. Беше многу љубезен со мене и имаше одлична смисла за хумор. Филмот беше многу потценет кога излезе, но сѐ уште мислам дека е одличен филм и многу бев тажен кога почина. Му бев на погребот во Рим.

Мофет со тимот на ТВ-серијата „Заменети при раѓање“

Ве исполнува ли професорската работа?

- Сакам да предавам. Но, проблемот е што предавам во Џорџија, а живеам во Лос Анџелес. Тоа се 3.000 милји (околу 5000 км). Сакам да предавам, ама не сакам академски административни обврски, а нив ги имам многу зашто сум декан на департментот. Но, среќен сум што можам да направам нешто за студиите и веќе се гледа напредок.

Какви се Вашите очекувања за претставата и премиерата во Охрид?

- Многу сум возбуден за Охрид. Навистина сакам Драмски театар да биде горд на претставата. Сакам ова да биде голем хит, да биде нешто ново и возбудливо. Владее многу убава енергија. Мојата надеж е дека на луѓето ќе им се допаѓа.