Потребни ви се добри вести за Ковид-19? Еве шест причини за оптимизам

Потребни ви се добри вести за Ковид-19? Еве шест причини за оптимизам

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Овие денови, кога има сè поголем број заразени, хоспитализирани и починати, може да бидат неиздржливи. За да си помогнеме во пребродувањето на оваа бура, мораме да ги следиме и позитивните развои на настаните.

Еве шест позитивни нешта за да нè потсетат дека има надеж во оваа криза:

1. Терапевтските лекувања (како дополнување на она што веќе го имаме за повеќето болни пациенти) ќе пристигнат пред вакцините. Кога некој ќе се зарази со новиот коронавирус, имунолошкиот систем на неговото тело почнува со одбрана, вклучително и со производство на антитела кои циркулираат во крвта за да помогнат во идентификувањето на заразните натрапници. Овие циркулирачки антитела нудат некаква заштита против идно заразување (засега не знаеме колку долго). Научниците сега направија клонови на овие антитела - кои ние ги нарекуваме моноклонски антитела - и тие се покажуваат како ефикасни и терапевтски и за спречување на инфекција. Тие функционираат со напаѓање на протеинот наречен „шилец“ на коронавирусот, што е начинот за влез на вирусот во нашите клетки. Кога тоа ќе се запре, вирусот не може да се размножува во телото.

2. Брзите и евтини тестирања на плунката исто така доаѓаат и како што неодамна истакнаа моите колеги Мајкл Мина и Лоренс Џ. Котликоф, тие може да бидат клучни. Зошто? Тие се како тестови за бременост, само за Ковид-19. Замислете тест кој би можеле секој ден да го правите дома, а ви дава одговор за неколку минути по плукање во шишенце и чини од 1 до 5 долари. Таквиот тест може да ја промени нашата способност да ги забавиме епидемиите кај кои раната детекција е клучна. Исто така, може да ја зголеми довербата на потрошувачот и да ја забави оваа економска криза. Сакате да одите на училиште, на работа или на претстава? Само покажете дека вашиот брз тест е негативен. Овие тестови не се перфектно точни, но контраинтуитивниот дел е дека не мора да бидат. Поважни од точноста се брзината и фреквенцијата на тестирање.

3. Дебатата конечно заврши. Маските функционираат. Беа потребни три месеци, но носењето маска станува популарно. Она што едно време беше непријатно и невообичаено сега стана поприфатено. Сè повеќе земји и бизниси ги бараат. И она што некогаш беше политичко - благодарение на нашиот претседател, кој рече дека луѓето носеле маски за да изгледаат лошо - брзо станува разумност. Сега може да ги видиме лидерите во црвените земји како повикуваат на носење маски. (Не сите маски се исти, па за среќа има и упатства за тоа што е добра маска.)

4. Конечно има консензус дека има ширење преку воздухот. Научниците од моето поле со месеци предупредуваа за ова, но центрите за контрола и превенција на болести и Светската здравствена организација не го признаваа. Минатата недела се сменија нештата кога 239 научници потпишаа писмо до СЗО во кое побараа да ја признае трансмисијата преку воздух. И СЗО го направи тоа. Ова значи дека ќе има повеќе пораки од СЗО и други организации со кои ќе се препорачува луѓето да додадат нова контрола во нивните алатки за борба со овој вирус - здраво градење на стратегии, како повисока вентилација, подобро филтрирање и користење мобилни направи за чистење на воздухот.

5. Има некоја наука која покажува дека минато изложување на чести настинки од коронавирус може да игра заштитна улога кај некои луѓе. Тоа е големо тврдење - и треба да предупредам дека не е целосно разрешено - но неколку студии покажуваат дека од 20 до 50 отсто од луѓето што никогаш не биле изложени на новиот коронавирус имаат имунолошки клетки - познати како мемориски Т-клетки - во нивните тела, кои реагираат на овој нов вирус. Се шпекулира дека тоа е така поради претходно изложување на чести настинки од коронавируси. Сè уште не знаеме зошто некои луѓе поминуваат подобро од други или зошто неколкумина ја шират болеста на други, додека други воопшто не ја шират, но овие наоди може да имаат некои одговори на тие прашања.

6. Испитувањата на вакцините изгледа функционираат и производителите на лекови веќе истакнаа дека би можеле да испорачаат дози до октомври. Запомнете, не беше загарантирано дека вакцината би функционирала, па фактот дека клиничките испитувања што се во рана фаза даваат позитивни знаци е охрабрувачки. Исто така, потсетување дека ова е многу брзо; ако добиеме вакцина за 12 месеци, тоа ќе биде најбрзо развиената вакцина. Има важно предупредување: мојата колешка Џулијет Кејаем сака да истакне дека вакцините не ги спасуваат луѓето, туку вакцинациите. Штом еднаш ќе добиеме вакцина, следува тешката задача на производство и дистрибуција. Па, иако знаците за вакцини се добри и може да имаме податоци в раце за неколку месеци дека тие може да функционираат, ќе поминат уште неколку месеци додека луѓето да добијат шанса да ја примаат вакцината.

Првпат во историјата речиси секој научник во светот е фокусиран на ист проблем. Ова почнува да дава добри резултати.

Автор: Џозеф Г. Ален, доцент по наука за проценка на изложеност
Извор: The Washington Post
Насловна фотографија: Pixabay