Кои земји одобрија и почнаа со вакцинирање на децата против ковид-19?

Кои земји одобрија и почнаа со вакцинирање на децата против ковид-19?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Вакцинирањето на децата е рутинско и широко прифатено - сипаници, заушки, детска парализа, дифтерија, ротавирус, повеќе видови менингитис, листата со вакцини што децата ги примаат уште од раѓање е прилично голема.

Што кога станува збор за ковид-19?

Некои земји веќе почнуваат со вакцинирање. САД веќе почнаа со имунизирање на деца од 12 до 15 години и очекуваат да има доволно податоци наредната година за и помали деца да можат да се вакцинираат.

Но, во Велика Британија одлуката за вакцинирање на сите 12 до 17 години веројатно нема да биде препорачана од британските експерти.

Постои научно прашање - дали вакцинирањето на децата ќе спаси животи? Ова е прилично сложено прашање бидејќи одговорот може да варира од земја до земја.

Исто така, постои морална и етичка димензија дали дозите наменети за деца би спасиле повеќе животи ако им се дадат на здравствени работници и ранливи возрасни лица во другите земји.

Еден аргумент за невакцинирање на децата против ковид-19 е дека тие добиваат релативно мала корист од тоа.

- За среќа, една од ретките добри работи во врска со оваа пандемија е што децата ретко се сериозно погодени од оваа инфекција - вели професор Адам Фин, член во комитетот за вакцинирање и имунизација на Обединетото Кралство.  

Инфекциите кај децата се речиси секогаш благи или асимптоматски, што е во остар контраст со постарите возрасни групи на кои им се дава приоритет со кампањите за вакцинација.

Сепак, постои и потенцијална придобивка од вакцинирањето деца - може да се спасат животите на другите луѓе. Ова е пристап што веќе се користи за грипот. На британските деца на возраст од 2 до 12 години секоја година им се дава спреј за нос, главно за да ги заштитат своите баби и дедовци.

Еден аргумент за вакцинирање на децата против ковид-19 е тоа што може да придонесе за колективниот имунитет.

Иако децата не се појавуваат како главни пренесувачи на коронавирусот, постарите тинејџери можат да играат улога.

Како и да е, голем дел од вакцините достапни на пазарот веќе бараат зелено светло за користење на вакцините кај деца над 12 години.

„Модерна“ бара одобрување за користење на вакцината против ковид-19 кај тинејџери на возраст од 12 години во ЕУ, САД и во Канада, како што „Фајзер“ веќе се користи за вакцинирање на децата на 12 години.

„Фајзер“ сега планира да ја тестира вакцината на деца на возраст од 5 до 11 години, а Кина ја одобри „Синовак биотек“ за итна употреба кај деца на возраст од три години.

1
Фото: Freepik

Сепак, со оглед на тоа што многу делови од светот сè уште чекаат дози за поранливите луѓе, Светската здравствена организација ги повикува богатите земји наместо тоа, да им ги донираат вишокот дози на посиромашните земји.

Ова се земјите што веќе одобрија и размислуваат да ги вакцинираат децата:

Земји во ЕУ


* Франција почна да ги вакцинира децата од 12 години нагоре, под услов да имаат родителска согласност.

* Советодавниот комитет за вакцини во Германија на 10 јуни препорача  само деца и адолесценти со претходни состојби да се вакцинираат со „Фајзер“.

* Австрија има цел да вакцинира над 340.000 деца на возраст од 12 до 15 години до крајот на август.

* Естонија може да почне со вакцинирање на тинејџерите наесен, објави јавниот радиодифузер ЕРР, повикувајќи се на шефот на владиниот совет за ковид-19.

* Унгарија почна со вакцинирање на деца на возраст од 16 до 18 години уште во средината на мај.

* Италија на 31 мај одобри проширување на употребата на вакцината „Фајзер“ за лица од 12 до 15 години.

* Премиерот на Литванија рече дека земјата може да почне да вакцинира деца над 12 години од јуни.

* Шпанија планира да почне со вакцинирање деца меѓу 12 и 17 години околу две недели пред да почне учебната година во септември, изјави министерот за здравство.

* На 28 мај Хрватска ја одобри вакцината на „Фајзер“ за примена на деца на возраст помеѓу 12 и 15 години. Претходно „Фајзер“ се користеше за вакцинирање на адолесценти на возраст од 16 години и нагоре.

Европа (земји што не се во Европската Унија)


* Британските министри ќе бидат советувани против масовна вакцинација на деца под 18 години сѐ додека научниците не добијат повеќе податоци за ризиците, иако регулаторот на земјата веќе ја одобри вакцината на „Фајзер“ за деца од 12 до 15 години.

* Швајцарија на 4 јуни одобри вакцинирање на деца од 12 до 15 години со „Фајзер“, а планот на земјата е да започне со вакцинирање на помлади луѓе од јули.

* Норвешка разгледува да ги вакцинира со „Фајзер“ децата што имаат голем ризик сериозно да заболат од ковид-19.

* Сан Марино отвори вакцинални пунктови за деца на возраст од 12 до 15 години.

* На 12 јули Македонија почна со вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“. Како што изјави министерот за здравство, единствен начин да се стигне до колективен имунитет е и децата да се вакцинираат.

2
Фото: Freepik

Среден Исток

* На 6 јуни Израел ја започна својата кампања за вакцинирање деца на возраст од 12 до 15 години, иако некои здравствени групи веќе вакцинираа деца под 16 години што спаѓаа во ризични групи.

* Дубаи почна да ја нуди вакцината „Фајзер“ за деца од 12 до 15 години, откако Обединетите Арапски Емирати ја одобри вакцината за итна употреба за истата возрасна група во средината на мај.

Азија-Пацифик


* На 5 јуни Кина ја одобри за итна употреба вакцината на „Синовак“ за лица од 3 до 17 години.

* Сингапур ја отвори својата програма за вакцинација на адолесценти на возраст од 12 до 18 години од 1 јуни.

* Јапонија на 28 мај ја одобри употребата на вакцината „Фајзер“ за оние на возраст од 12 и повеќе години.

* Филипините на 26 мај одлучија да ја одобрат вакцината на „Фајзер“ за итна употреба кај деца на возраст од 12 до 15 години.

* Хонгконг ќе почне со вакцинација на деца над 12 години, соопшти владата.

Америка


* Бразил на 11 јуни одобри употреба на вакцината на „Фајзер“ за деца над 12 години.

* Чиле одобри употреба на вакцината на „Фајзер“ за деца од 12 до 16 години.

* САД започнаа со вакцинирање на млади адолесценти во средината на мај.

* Канада на почетокот од мај ја одобри вакцината на „Фајзер“ за деца на возраст од 12 до 15 години.

Извор: ВВС | Reuters
Фото: Freepik