Ангела Пеева балансира товар на авиони на интернационалниот аеродром во Диселдорф: „Некогаш и помалата тежина е проблем за безбедноста на авионот“
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога тргнале за Германија, чекајќи го авионот, со сопругот разговарале колку би било возбудливо да се работи на аеродром. Разговорот случајно се совпаднал со работата што Ангела Пеева од Македонија ја добила во Германија. Станала балансер на товар на авионите на интернационалниот аеродром во Диселдорф.
- Во ниту еден момент не помислив дека токму јас ќе бидам дел од екипата на еден од најголемите и најфреквентни аеродроми во Германија - вели Пеева.
Таа по професија е дипломиран менаџер по бизнис-менаџмент. Иако нејзиното формално образование не е директно поврзано со тековната работна позиција, сепак, значително ѝ помага во успешната координација на тимот и организацијата на секојдневните оперативни активности.
Работела за светски авиокомпании
Во текот на кариерата ги има стекнато потребните сертификати и овластувања за работа со неколку светски признати и реномирани авиокомпании, како што се Катар ервејс, Емирати, Луфтханза груп.
-За да се добие можност за работа со овие авиокомпании, неопходно е успешно да се завршат специјализирани обуки и сертификациски тестирања спроведени директно од нив. По положувањето се добива официјален сертификат кој овозможува извршување на конкретни задачи и одговорности во согласност со стандардите и процедурите на компанијата - вели Пеева.
Таа објаснува дека балансот на леталото не се однесува само на лева или десна страна, туку пред сè на распределбата на тежината по должината – односно напред и назад. Притоа се зема предвид вкупната маса за да се осигури дека авионот е во рамките на дозволените граници и при полетување и при слетување. Целта на овие прецизни калкулации, во кои е вклучена Пеева, е да се осигури целосно безбеден и стабилен транспорт – како за товарот (каргото) така и за патниците.
Мора да се пресметаат сите параметри
-Мојата работна задача вклучува прецизно пресметување на тежината, волуменот и други релевантни параметри. Самото летало е тешка единица, но за да се обезбеди сигурна и ефикасна операција, неопходно е внимателно да се пресметаат сите детали, од точната количина на гориво што ќе се внесе во согласност со зададената маршрута до тоа да не се надмине дозволениот лимит на максимална тежина - објаснува Пеева.
Количината на товар варира во зависност од дестинацијата и времетраењето на летот. Но, не секогаш преоптовареноста е проблем, некогаш тоа може да биде и помалата тежина.
-Кога леталото е целосно пополнето со патници, но не носи доволно товар, а нема можност за прераспределба на патниците (од предниот кон задниот дел или обратно), тогаш се применува опцијата за вметнување дополнителен товар – баласт. Со оваа корекција се постигнува неопходниот баланс, со што авионот останува во рамките на дозволените граници за стабилно и безбедно летање - додава Пеева.
Работа под притисок - за кратко време мора да се најде ефикасно решение
Работа е тимска и успехот зависи од усогласеноста на целиот тим.
-Оваа работа е како лента – започнува од check-in (шалтерите за пријавување), продолжува со boarding (качување) на патниците и завршува со товарниот тим. Ние сме тие што треба да ги координираат времето и товарот, да успееме да ја завршиме целата работа во најкраток можен рок за нашите клиенти да бидат задоволни - вели Пеева.
Работата сама по себе е динамична и исполнета со интересни предизвици. Работи во ограничен простор и под временски притисок, а сепак мора брзо и ефикасно да најде соодветно решение. Најважно е секој елемент од планираниот товар да биде безбедно подготвен и транспортиран до предвидената дестинација.
-Особено се издвојуваат ситуациите кога се појавува технички дефект на авионот, а времето за реакција е ограничено. Таквите моменти се поврзани со зголемен притисок, но истовремено носат позитивен адреналин – чувство дека надминуваш препреки кои за многумина би изгледале како невозможни - вели нашата соговорничка.
Несекојдневен багаж
Ова не само што е несекојдневна работа, туку се соочуваат и со несекојдневни видови товар кои луѓето имаат потреба да ги пренесат, од животни до покојници.
-За многумина звучи необично да слушнат за транспорт на AVI in hold (животно во товарниот дел), но за нас тоа веќе претставува дел од секојдневните работни операции. Во вакви случаи секогаш внимателно се планира точната локација за товарење, земајќи ги предвид протокот на воздух (вентилација), минимизирање на времетраењето на транспортот, намалување на бучавата и избегнување дополнителен стрес за животното.
Сме имале и ситуации да се транспортираат човечки останки. Овие операции ги третираме со највисок степен на почит, одговорност и емпатија. Целта секогаш е да се обезбеди најбрза и најдостоинствена транспортна постапка, со што барем малку можеме да придонесеме за олеснување на болката и грижата на семејствата - вели Пеева.
Сè повеќе жени во авиоиндустријата
Ваквата работа не бара високо ниво на физичка активност, туку пред сѐ ментална подготвеност, концентрација и способност за брзо донесување одлуки. Пеева вели дека често добива позитивни коментари од колегите и надредените за брзината и ефикасноста со која ги извршува работните задачи. Тоа дополнително ѝ потврдува дека жените имаат целосен капацитет и професионална подготвеност за работа во оваа индустрија.
- Секогаш ми е задоволство кога ќе дознам дека во кокпитот се наоѓа жена-пилот. Тоа не само што инспирира, туку и ја потврдува сè поголемата застапеност и прифатеност на жените во авиосферата. Работата на аеродром, а генерално и во авиоиндустријата е одлична можност за жените што сакаат динамична, одговорна и професионално исполнета кариера - заклучува Пеева.
Фото: приватна архива