Помалку коса, помал ризик? Ново истражување откри неочекувана предност на ќелавоста

Помалку коса, помал ризик? Ново истражување откри неочекувана предност на ќелавоста

Ќелавоста е една од темите кои не се лесно прифатени меѓу мажите. Тоа е тема за која често се прават шеги, но не ги прифаќаат сите еднакво добро. Иако ќе се најдат мажи кои се гордеат со својата ќелавост и не се грижат за недостигот на коса, многумина сепак ќе патат поради тоа што нивната глава рано останала без – покривка. Но, се чини дека би можеле да бидат и тоа како благодарни за тоа.

Имено, научниците открија дека мажите кај кои косата почнала да опаѓа околу 30-тата година од животот имаат дури 29 отсто помал ризик од развој на рак на простата. Кај оние што почнале да оќелавуваат уште порано, тој ризик бил дури 45 отсто помал, и тоа за агресивните и за помалку агресивните форми на болеста.

Зошто постои ваква поврзаност, сè уште не е сосема јасно. Истражувачите сметаат дека одговорот би можел да лежи во генетиката, односно во варијациите на гените поврзани со машките полови хормони – андрогените.

Тестостеронот е „виновникот“


Еден од главните „виновници“ за машкиот тип на ќелавост е дихидротестостеронот (ДХТ / DHT), хормон кој настанува од тестостеронот. Кога го има премногу, фоликулите на влакното постепено се намалуваат, косата станува потенка и со текот на времето почнува да опаѓа. Од друга страна, тестостеронот и сродните хормони имаат важна улога и во растот на клетките на ракот на простатата, па научниците веруваат дека токму хормонските механизми би можеле да ги поврзуваат овие две навидум неповрзани состојби.

- Двете состојби се чести, наследни, поврзани со стареењето и со андрогените, поради што нè интересираше дали меѓу нив постои врска - објасни главниот автор на истражувањето, д-р Џонатан Рајт.

Сепак, експертите предупредуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се разјасни вистинската поврзаност меѓу губењето на косата и оваа болест.

Ракот на простата и понатаму е најчестиот облик на рак кај мажите и втор најчест причинител за смрт од малигни заболувања во машката популација. Во раните стадиуми често не предизвикува никакви симптоми, а меѓу првите знаци можат да бидат отежнато мокрење или послаб млаз на урината. Доколку болеста се прошири, најчесто ги зафаќа коските и може да предизвика болки и невролошки тегоби.

Затоа лекарите ја нагласуваат важноста на превентивните прегледи. На мажите со просечен ризик најчесто им се препорачува скрининг меѓу 55. и 69. година од животот, додека оние со зголемен ризик би требало да разговараат со лекар за порано тестирање, уште од 40. година.

Извор: miss7zdrava
Фото: magnific