Повеќе од 120 години исти правила - плажа во Трст каде што мажите и жените се одделени со ѕид
Не е необично некоја плажа да биде позната по чистото море или убавиот поглед. Меѓутоа, во Трст постои плажа која го привлече вниманието поради традицијата што денес речиси никаде во Европа не може да се види.
Имено, плажата „Ала Лантерна“, која мештаните ја нарекуваат „Педочин“, била отворена уште во 1903 година. Она по што се разликува од сите други европски плажи е камениот ѕид кој го раздвојува машкиот од женскиот дел и е правило кое повеќе од 120 години не се променило.
Традиција која опстанала
На почетокот на минатиот век одвоените плажи не биле реткост. Во многу европски градови мажите и жените се капеле одвоено, пред сè, поради тогашните општествени норми и сфаќања за приватноста.
Како што се менувале времињата, таквата практика речиси насекаде исчезнала. Но, во Трст останала како дел од секојдневието. Интересно е што камениот ѕид завршува во плиткиот дел, па во подлабоката вода мажите и жените можат слободно да пливаат, да разговараат и да се дружат.
За жителите на Трст, „Педочин“ не е туристичка атракција, туку дел од градот со кој многумина пораснале. Овде научиле да пливаат, ги поминувале летата со семејството и создавале спомени кои ги пренесуваат на новите генерации.
Токму затоа, многумина сметаат дека ѕидот не е симбол на поделба, туку дел од историјата на градот. Истакнуваат и дека одвоените простори на жените им нудат дополнителна приватност и им овозможуваат да престојуваат на плажата без непријатност или несакано внимание.
Инцидент кој повторно ја отвори расправата
За оваа плажа повторно се зборува откако една туристка од Милано влегла во делот наменет за мажи. Кога присутните ја замолиле да премине во женскиот дел, следувала бурна кавга, а правилото што постои повеќе од еден век таа го нарекла застарено и дискриминаторско.
Инцидентот повторно го отвори прашањето дали ваквата практика треба да се набљудува како дел од локалната традиција или како правило за кое веќе нема место во современото општество.
За тоа колку „Педочин“ е уникатна, зборува и фактот што беше тема на документарниот филм „Последната плажа“, кој во 2016 година беше прикажан на Канскиот филмски фестивал.
Филмот не се занимава само со необичните правила на оваа плажа, туку и со луѓето кои секоја година ѝ се враќаат, покажувајќи дека тоа е многу повеќе од обично место за капење.
Приказната за „Педочин“ воедно е и приказна за Трст. Градот со векови бил дел од Австроунгарската монархија, а на Италија ѝ припаднал дури по Првата светска војна. Токму поради таквата историја, тој се разликува од многу други италијански градови.
Извор:
BIZlife.rs
Фото:
Screenshot/Instagram