Разбиен митот за „блага крв“, еве зошто некои луѓе се магнет за комарците
Некои луѓе можат да го поминат целото лето без ниту едно еднаш да ги касне комарец, додека други, штом ќе излезат надвор, стануваат вистинска мета. Сепак, причината не е „благата крв“, како што често се вели, туку комбинација од мирисот на кожата, здивот, телесната температура и генетиката, пишува Би-би-си.
Комарците ги откриваат своите жртви многу пред да слетаат на кожата. Им помагаат јаглерод диоксидот што го издишуваме, топлината на телото, поттта и хемиските соединенија што ги произведуваат бактериите на нашата кожа.
Јаглерод диоксидот ги привлекува комарците
Само женските комарци ги касаат луѓето бидејќи протеините од крвта им се потребни за развој на јајцата. Потенцијалните жртви можат да ги препознаат од околу десет метри, користејќи ги видот и сетилото за мирис.
Еден од најважните сигнали е јаглерод диоксидот што го издишуваме. Поради тоа, возрасните луѓе можат да им бидат попривлечни на комарците од децата, бидејќи издишуваат поголеми количества од овој гас. Истиот принцип се користи и во стапиците за комарци, во кои се употребува сув мраз или јаглерод диоксид од боци.
Топлината на телото дополнително ги привлекува
Истражувањата покажаа дека и топлината и влагата ги привлекуваат комарците, а јаглерод диоксидот дополнително ја засилува нивната чувствителност на топло тело. Поради забрзаниот метаболизам, повисоката телесна температура и забрзаното дишење, бремените жени можат да бидат значително попривлечни за комарците. Слично важи и за луѓето што вежбаат. Во текот на физичката активност и непосредно по неа телото произведува повеќе топлина, пот и јаглерод диоксид, поради што комарците полесно ја пронаоѓаат својата мета. Лицата со покрупна градба, исто така, можат да привлекуваат повеќе комарци бидејќи во просек произведуваат повеќе топлина и издишуваат повеќе јаглерод диоксид.
Митот за „благата крв“
Истражувачите го отфрлија распространетиот мит дека комарците почесто ги касаат луѓето што имаат „блага крв“. Пресуден не е вкусот на крвта, туку единствениот мирис на кожата на секој човек.
Бактериите што живеат на кожата ги разградуваат јаглехидратите, масните киселини и другите материи, создавајќи испарливи хемиски соединенија што комарците можат да ги препознаат. На човечката кожа постојат повеќе од 500 такви соединенија, а нивната комбинација одредува колку сме им привлечни на комарците.
Посебно ги привлекуваат амонијакот, млечната и карбоксилните киселини. Значи, не станува збор за „блага крв“, туку за мирисот што го произведуваат нашата кожа, потта и микроорганизмите што живеат на неа.
Некои луѓе ги привлекуваат стопати повеќе
Истражувачите од Универзитетот „Рокфелер“ ги анализираа мирисите на кожата на 64 лица кои неколку часа носеа најлонски ракави. Комарците потоа можеа да избираат помеѓу примероците од мириси и покажаа изразена склоност кон луѓето кои на кожата имаа поголеми количества карбоксилни киселини.
Најпривлечното лице во истражувањето ги привлекувало комарците дури стопати повеќе од најмалку привлечното. Тие разлики останале речиси исти во текот на повеќе години, без оглед на промените во начинот на живот.
Тоа укажува дека склоноста кон каснувања во голем дел е однапред одредена.
Улога има и генетиката
Истражувањата на близнаци покажаа дека еднојајчените близнаци им биле приближно еднакво привлечни на комарците, додека кај двојајчените близнаци постоела разлика. Тоа посочува дека мирисот на кожата и чувствителноста на каснувања можат да бидат наследни.
Генетиката влијае и врз начинот на кој телото реагира по каснувањето. Некои луѓе добиваат големи, црвени отоци кои многу чешаат, додека други едвај забележуваат дека ги каснал комарец. Поради тоа, лицето што силно реагира на каснувањата може да добие впечаток дека комарците го каснуваат почесто, иако е можно само побурно да реагира.
Како да се заштитите?
Доказите дека лукот или витаминот Б ги одбиваат комарците се многу слаби или нејасни.
Експертите препорачуваат користење проверени средства кои содржат ДЕЕТ (DEET), пикаридин или ПМД (PMD), како и носење долги ракави и панталони, особено во периодите кога комарците се најактивни. Заштитните средства со текот на времето го губат своето дејство, особено поради потењето, па затоа треба повторно да се нанесуваат според упатството на производителот.
Без оглед на тоа дали некој смета дека комарците ретко го каснуваат, заштитата и понатаму е важна. Некои луѓе можат да бидат каснати без речиси воопшто да забележат каква било реакција.
Извор: бука
Фото: magnific