Сериски крадец кој обожава благо: Јапонските власти трагаат по мечка која ги празни фрижидерите на жителите

Сериски крадец кој обожава благо: Јапонските власти трагаат по мечка која ги празни фрижидерите на жителите

Јапонските власти трагаат по мечка која влегла во куќата на постар брачен пар и им го испразнила фрижидерот, а се сомневаат дека истото животно е одговорно за дури 14 провали забележани во градот Шизукуиши, на североистокот од Јапонија, во текот на изминатите две недели.

Во понеделникот 87-годишниот Мицуо Мацубара отишол да провери што се случува во кујната, откако слушнал врева, и се нашол очи в очи со голема азиска црна мечка.

Фрижидерот бил отворен, а храната расфрлана по подот, по што неговата сопруга повикала полиција.

Досега во градот Шизукуиши се пријавени вкупно 14 провали на пет различни локации, поради што властите се сомневаат дека сите ги извршила истата мечка.

Поставени се стапици во форма на кафези, околу куќите што неколку пати биле мета се поставени електрични огради, а организирани се и патроли кои ги предупредуваат жителите за присуството на животното.

- Необично е мечка повеќепати да провалува на исто место - изјави експертот за мечки Шихо Чида од Одделението за заштита на природата на префектурата Ивате, каде што се наоѓа Шизукуиши.

Според неа, можно е да станува збор за истото животно, поради што властите сакаат да го фатат што е можно побрзо.

Во текот на изминатите две недели една мечка дури четири пати била снимена како провалува во објекти на една фарма, каде што јадела сточна храна на база на млеко.

Надзорните камери забележале како среде ноќ се обидува да ја отвори лизгачката врата од селската куќа, но побегнала кога сопственикот насочил светло кон неа и гласно извикал.

За да го одврати несаканиот посетител, фармерот почнал околу влезот да размачкува домашна мешавина за одбивање мечки која содржи јапонски сенф.

Минатиот петок еден жител затекнал мечка во куќата, во близина на собата во која спиел неговиот постар татко. Животното побегнало кога мажот ја удрил вратата, но набрзо повторно се обидело да влезе.

Сопственикот на куќата околу 30 секунди ја задржувал лизгачката врата додека мечката, кревајќи се на задните нозе, се обидувала да ја турне. Мажот проценил дека мечката била висока околу 1,65 метри.

Следната вечер една жена затекнала мечка како претура по храната во нејзината кујна, а во неделата животното провалило во продавница за традиционални јапонски слатки и од фрижидерот зело крофни.

Склоноста на мечката кон благо ја навела дури петпати да провали во иста куќа, каде што изела бисквити, шеќер и каринто - традиционален јапонски сладок деликатес од пржено тесто обложено со шеќер.

Извор: Euronews.rs
Фото: Magnific