Велика Британија го ограничува користењето на социјалните мрежи навечер за младите на возраст од 16 и 17 години
Владата на Велика Британија најави дека ќе воведе ноќно ограничување за користење на социјалните мрежи за младите на возраст од 16 и 17 години, како продолжение на мерките за заштита на децата од штетните влијанија на дигиталните платформи.
Според новите правила, пристапот до социјалните мрежи како „Инстаграм“ и „Фејсбук“ ќе биде ограничен во периодот од полноќ до 6 часот наутро.
Владата најави и воведување стандардни поставки со кои ќе бидат оневозможени функциите што поттикнуваат прекумерно користење на апликациите, како што е бескрајното скролање, со можност корисниците да ги исклучат тие ограничувања.
Исто така, планирани се и дополнителни контроли за користењето на чет-ботови засновани на вештачка интелигенција, кои од корисниците помлади од 18 години ќе бараат да прават редовни паузи при употребата.
Министерката за технологија Лиз Кендал изјави дека младите, иако со 16 години стекнуваат поголема самостојност, и понатаму треба да бидат заштитени од функциите на интернет што предизвикуваат најголема зависност и можат негативно да влијаат врз нивното здравје и благосостојба.
Таа оцени дека новите мерки ќе им помогнат на младите повеќе да спијат, подобро да се фокусираат на училиштето и факултетот и да поминуваат повеќе време со семејството и пријателите.
Велика Британија минатиот месец усвои и забрана за користење на социјалните мрежи за деца помлади од 16 години, која би требало да стапи во сила на почетокот на 2027 година.
Дел од организациите за заштита на децата ги поздравија новите прописи, додека критичарите предупредуваат дека тие би можеле да ги поттикнат малолетниците да ги користат социјалните мрежи на помалку безбедни начини. Австралија кон крајот на минатата година прва воведе забрана за социјалните мрежи за помлади од 16 години, а слични мерки најавија и Канада, ОАЕ и Индонезија.
Извор:
021.rs
Фото: Magnific