Филм на „Нетфликс“ базиран на вистинска приказна, гледачите го прогласија за најстресен

Филм на „Нетфликс“ базиран на вистинска приказна, гледачите го прогласија за најстресен

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Филмот „Пиху“ во продукција на „Нетфликс“ е прогласен за кошмар на секој родител од страна на медиумите, а гледачите се согласија дека станува збор за најстресниот филм што некогаш го гледале. Веројатно е уште пострашен поради фактот што е базиран на вистинска приказна.

Во филмот ја следиме малата Пиху, двегодишно девојче чиј татко заминал на пат. Мајка ѝ ненадејно умира, па таа останува заробена во станот со телото на мајка си. Она што за нас е нормална средина во домот, за Пиху одеднаш станува место преполно со смртоносни замки.

Уште во самиот трејлер гледаме како девојчето се доведува во опасни ситуации, на пример, кога се затвора во фрижидер или кога ја запалува храната обидувајќи се да ја загрее во микробрановата печка.

Индискиот режисер Винод Капри откри дека го инспирирала вистинска приказна за дете кое во 2014 година во Њу Делхи останало заробено во станот со неговите мртви родители, а филмот некои го прогласија за највознемирувачки боливудски филм.

- Можев да ја раскажам приказната од перспектива на родителот, но одлучив да ја раскажам онака како што ја доживувала Пиху. Не беше лесно бидејќи не можете да натерате толку мало дете да глуми. Ги поставив камерите по цел стан и ја оставив природно да се однесува. Со неа поминав два месеца, станав дел од семејството - раскажува режисерот.

Многу гледачи на „Твитер“ коментираа дека ова им бил најстресниот филм што некогаш го гледале.

- Никогаш не мислев дека двегодишно дете ќе ме доведе на раб на лудило. Ако имате деца, морате да го гледате овој филм. Се прашувам како режисерот ја наведе да глуми. Многу е слатка - вели еден твитер-корисник.

Малата актерка се вика Мира Вишвакарма. Улогата ја добила без аудиција, а режисерот првпат ја забележал на детски роденден и веднаш знаел дека ќе ја ангажира. Кога почнало снимањето, Мира имала само 29 месеци. Ја оставиле да прави што сака и тоа го снимале.