„Харвард“ 17. пат прв на Шангајската листа, македонските универзитети и годинава ги нема

„Харвард“ 17. пат прв на Шангајската листа, македонските универзитети и годинава ги нема

Универзитетите од Македoнија и годинава не се најдоа на Шангајската листа со 1.000 најдобри универзитети во светот.

На листата на академско рангирање на светски универзитети за 2019 година на прво место 17. година по ред е Универзитетот „Харвард“, на второ „Стенфорд“ од САД, а на трето британскиот Универзитет „Кембриџ“.

Во првите десет најдобри универзитети се и МИТ, Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калтеч и Чикаго.

Во Европа, по Кембриџ и Оксфорд, најдобро рангирани се Универзитетот во Лондон, Универзитетот Цирих, британскиот Империјал колеџ и Копенхашкиот универзитет.

Од земјите во регионот, најдобропозициониран е Националниот универзитет во Атина меѓу 300. и 400. место, а солунскиот „Аристотел“, белградскиот и загрепскиот се меѓу 400. и 500. место. Љубљанскиот е меѓу 500. и 600., мариборскиот и сплитскиот меѓу 700. и 800., а на Шангајската листа се уште и универзитетите во Софија и во Нови Сад, кои се позиционирани меѓу 900. и 1009. место.

Најдобриот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на светската ранг-листа е на 1.568 место. На национално ниво втор е штипскиот „Гоце Делчев“ (3.279 во светот), трет е Универзитетот на ЈИЕ (3.881), четврти Државниот универзитет во Тетово (4.912), а на петто место е битолскиот „Св. Климент Охридски“ (5.697).

Шангајската листа, која секоја година ја објавува универзитетот „Џао Тонг“ од Шангај, е една од највлијателните листи што ги рангираат најдобрите универзитети во светот.

Клучни критериуми за рангирање на универзитетите, меѓу другото, се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, бројот на добитници на Нобелови награди и Филдсови медали кои студирале на универзитетот или работат таму.

Извор: МИА