Ново истражување покажува дека помладите Американци, особено припадниците на генерацијата З, повеќе не се заинтересирани за традиционалната верзија на „Американскиот сон“ според која живееле нивните родители и баби и дедовци. За нив, со години да штедат за да купат дом или да обезбедат удобна пензија сè повеќе изгледа како недостижна цел, па помладите сакаат да живеат за денес.
Тоа е заклучокот од истражувањето на бостонската консултантска компанија „Сајмон-Качер“. Аналитичарите на компанијата забележуваат дека помладите Американци ги заменуваат традиционалните долгорочни финансиски цели, како што се сопствен дом и пензија, со лични вредности во кои предност имаат флексибилноста, стабилноста и уживањето во животот од ден на ден.
Како и обично, парите, односно нивниот недостиг, се главниот двигател на трендот кај Американците во 20. и 30. години да живеат во сегашноста.
- Американскиот сон сè уште е жив, но традиционалните показатели за успех, како пензиите и богатството, денес се помалку важни поради макроекономските притисоци. Денес Американците го дефинираат успехот на свој начин, фокусирајќи се на тоа животот да им функционира и да најдат чувство на нормалност. Тоа значи трошење за секојдневните потреби, барање лични и значајни искуства и задолжување за да се справат со трошоците - вели Шика Џејн, раководителка за потрошувачкиот сектор во Северна Америка во „Сајмон-Качер“.
3 главни заклучоци од истражувањето
Податоците од истражувањето ги потврдуваат промените во начинот на кој помладите Американци го доживуваат „Американскиот сон“ и зошто ги менуваат своите животни приоритети и планови. Според експертите, токму овие прашања го поттикнуваат тој тренд.
За разлика од бејби-бумерите, помладите живеат за сегашноста
Според „Сајмон-Качер“, 62 отсто од испитаниците велат дека купувањето дом и штедењето за пензија станале „потешки“, додека 51 отсто од припадниците на генерацијата З велат дека го ставиле штедењето за дом во втор план и наместо тоа се фокусираат на „квалитетот на животот денес“.
- Овие промени кај потрошувачите не се привремени. Тие покажуваат дека се менува начинот на кој Американците ги доживуваат успехот и потрошувачката - вели Џејн.
Одделно истражување од 2026 година на „Бионд Фајненс“, компанија од Чикаго која нуди совети за консолидирање долгови, покажува дека само 32 отсто од милениумците и припадниците на генерацијата З сметаат дека традиционалниот „Американски сон“ повеќе не е достижен. Можеби уште позагрижувачки е податокот дека 57 отсто од испитаниците сметаат дека помладите Американци се на пат кон финансиски неуспех.
- Реалноста е дека финансиските услови се променија побрзо од правилата - вели д-р Ерика Расур, главна советничка за финансиска благосостојба во „Бионд Фајненс“, за „Манивајс“.
За помладите возрасни, финансиските притисоци се големи и ги доживуваат како трајни
Како што покажуваат податоците од двете истражувања, помладите Американци го преиспитуваат значењето на успехот поради промените во вредностите, но и поради економската нужност, која можеби има уште поголемо влијание.
Чикара Кенеди, поранешна директорка за човечки ресурси во „Мета“, одблизу следела како помладите Американци се справуваат со високите цени на недвижностите, инфлацијата и студентските долгови.
- Овие проблеми, заедно со повторените бранови отпуштања, ги натераа многу милениумци и припадници на генерацијата З да ги преиспитаат одамна прифатените претпоставки за тоа како треба да изгледа успехот - забележа таа.
Сè повеќе, начинот на размислување „живеј за денес“ станува длабоко вкоренет кај милениумците и припадниците на генерацијата З.
„Златните години“ повеќе не се загарантирани
И идејата дека не треба да се чека до пензионирањето за да се ужива во животот придонесува за новиот поглед на помладите професионалци.
- Милениумците сè уште сакаат да поседуваат дом и сè уште ни е важно да создадеме богатство и финансиска сигурност. Но, мислам дека ја преиспитуваме идејата дека успехот мора да дојде по некој однапред утврден редослед - изјави Кејти Клајн, ветеранка од угостителската индустрија.
- Толку многу традиционални финансиски совети се базираат на жртвување на сегашноста за иднина која никому не му е ветена. Исто како што се наведува во истражувањето на „Сајмон-Качер“, имаме право да го дефинираме успехот на свој начин - вели таа.
За милениумците и генерацијата З, домот навистина е таму каде што е срцето
Ако сопствеништвото на дом се земе како мерило, а долго време беше еден од темелите на американската култура, „Американскиот сон“ не пропаднал, туку неговите темели значително се променија кај помладите луѓе.
- Американскиот сон е жив и здрав, но она што сега се менува е начинот на кој луѓето стигнуваат до него - изјави Џинџер Вилкокс, претседателка на „Бетер хоумс енд гарднс риел естејт“.
Милениумците и припадниците на генерацијата З сè повеќе растат во свет во кој кариерите се помалку линеарни, работата од далечина е вообичаена, а од луѓето се очекува неколкупати во животот да ги менуваат работните места, градовите, па дури и начинот на живот, забележа Вилкокс.
„Сега е природно флексибилноста да стане поважна“, рече таа. Истовремено, тешко е приоритетите поврзани со начинот на живот да се одвојат од денешната економска реалност. Иако сопствениот дом сè уште е важна цел за многу млади Американци, купувачите избираат подолг пат за да стигнат до него.
- Сега тие бараат домови што ќе им овозможат да ги задоволат потребите што ги имаат во различни фази од животот - додава Вилкокс.
Извор:
Moneywise.com
Фото: Magnific