Пред милиони години постоел континент што се провлекол под Балканот

Пред милиони години постоел континент што се провлекол под Балканот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Угледното списание „Сајенс алерт“ објави статија за континент настанат пред повеќе од 100 милиони години кој се простирал на денешниот простор од Алпите до Иран.

Тој изгубен континент научниците го нарекле Голема Адрија бидејќи пред да потоне по големите тектонски поместувања, претежно се простирал на просторот на денешна Јужна Европа. Со други зборови, изгубениот континент се наоѓа длабоко под Балканот.

Голема Адрија, според експертите, се формирала пред 240 милиони години, кога се одвоила од јужниот суперконтинент Гондвана, кој тогаш на куп ги држел денешни Африка, Јужна Америка, Антарктикот, Австралија... Тој праисториски континент опфаќал подрачја на триесетина денешни земји, од Шпанија до Иран, а повеќето од нив биле под вода.

Барем така тврди Даув ван Хинсберген, шеф на Катедрата за палеогеографија и глобална тектоника при Одделението за геологија на Универзитетот во Утрехт, Холандија.

Голема Адрија, според него, била дел од африканската тектонска плоча, за пред стотина милиони години да почне нејзиното лизгање и подвлекување под евроазиската тектонска плоча, односно под денешна Јужна Европа.