300 жени пловат низ светот и собираат пластика од океаните

300 жени пловат низ светот и собираат пластика од океаните

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

300 жени-патнички, на возраст меѓу 18 и 57 години од 30 различни држави, ќе собираат и испитуваат примероци од микропластика за подобро да ги разбереме изворите на загадување, односно подобро да се дефинира кои индустрии и кои држави произведуваат најмногу пластика.

Овој подвиг, наречен „eXXpedition“ (ХХ во името се однесува на женските хромозоми), првпат собира исклучиво жени на толку голема мисија за природната средина. Проектот го почнала Емили Пен, која е научник, а експедицијата почнала на 8 октомври од Плајмаут, Велика Британија.

На одредени делови од патувањето може да се приклучат жени со какви било квалификации. Искусни и обучени жени управуваат со бродот, додека други готват, чистат, фотографираат, пишуваат, снимаат и други работи. Сите жени што се придружуваат ќе бидат обучени за едрење и активно ќе учествуваат во истражувањето. Досега 10.000 жени аплицирале да бидат дел од експедицијата во октомври.

- Потребни ни се научници, владини лидери, режисери, раскажувачи, решавачи на проблеми, креатори на политики, лидери во индустријата. Но, најпотребно ни е сите жени да го сфатат проблемот. Најдобриот начин е тие дома да го искористат целокупното стекнато знаење и искуство, и да ги понесат тие решенија назад во заедницата - вели Пен.

Членот на екипажот, Марсија Реинаурер, е режисерка на документарни филмови и таа ќе го снима патувањето.


- Пловам цел живот и можам да кажам дека претежно тоа е машки свет. Во текот на 35 години пловење забележав колку ни пропаѓаат водите. Жените се поемотивни, а понекогаш емоционалноста во комбинација со науката може да биде навистина влијателна - вели таа.

Во својата претходна истражувачка работа Емили Пен се запрашала колку пластика завршува во нашата храна. Со тест на крвта таа открила дека нејзиното тело содржи 29 од 35 токсични хемикалии што се наоѓаат во пластиката. Овие хемикалии се потенцијално канцерогени и можат да предизвикаат хормонални проблеми во текот на бременоста и да се пренесат на децата. Затоа смета дека е важно да се вклучат токму жените.

„eXXpedition“ се одвива од 2014 година и досега имала вкупно 11 експедиции.

- Причината поради која го работам ова сиве овие години е моќта на патувањето, начинот на кој жените стануваат блиски е многу различен отколку на мешаните патувања. Луѓето помалку се плашат да бидат ранливи, го спуштаат штитот, побрзо создаваат врски, а тие врски траат доживотно.