Научници создале материјал што фаќа јаглероден диоксид и го претвора во органска материја

Научници создале материјал што фаќа јаглероден диоксид и го претвора во органска материја

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научници смислија иновативен начин со кој сакаат да се обидат да се спротивстават на големите количини на јаглероден диоксид кој сè уште го испуштаме во воздухот, дури и додека сме среде климатска криза. Научниците, сепак, сакаат да го претворат јаглерониот диоксид во корисен органски полимер.

Новоразвиениот метод ги собира молекулите на јаглероден диоксид од воздухот без да троши многу енергија во процесот. Материјалот потоа може потенцијално да биде претворен во состојка за пакување или облекување.

Тајното оружје е порозен координационен полимер направен од јони на цинк. Тие јони се способни селективно да фаќаат молекули на јаглероден диоксид со 10 пати поголема ефикасност од другите координациони полимери, велат научниците. Дополнително, материјалот може да се користи повеќе пати и пак да има максимална ефикасност по 10 реакциски циклуси.

- Успешно дизајниравме порозен материјал со голем афинитет кон молекули на јаглероден диоксид и може брзо и ефикасно да ги претвори во корисни органски материјали - вели хемичарот Кен-ичи Отаке од Универзитетот во Кјото, Јапонија.

Идејата за заробување јаглерод не е нова, но ниската реактивност на јаглеродниот диоксид значи дека е тешко да се фати и заклучи без користење на многу енергија, што на некој начин ја побива целата поента.

Координационите полимери може да го содржат решението за надминување на оваа пречка. Едно наведено во оваа нова студија користи мудар трик - органско соединение со структура што личи на пропелер.

Користејќи рендгенска структурална анализа, истражувачите утврдиле дека молекулите на јаглеродниот диоксид се приближуваат до координациониот полимер, неговата молекуларна структура ротира и се преуредува, овозможувајќи заробување на јаглеродниот диоксид.

Координациониот полимер работи како молекуларно сито, способно да препознава молекули по големина и форма. Штом еднаш материјалот ја завршил работата на исцицување на јаглеродниот диоксид, тој може одново да се користи или да се рециклира како органски полимер. Органските полимери може да се претвораат во полиуретан, кој се користи за облека, пакувања, куќни уреди и многу други области.

Во полето на складирање на јаглерод се полага голема надеж. Годинава научници од РМИТ Универзитетот во Австралија презентираа начин за претворање на јаглеродниот диоксид во јаглен со користење хемиска реакција во која е вклучен металот цериум. Други истражувачи од Универзитетот „Рајс“ од САД, пак, успеаја да развијат направа за претворање на јаглеродниот диоксид во течно гориво - во овој случај металот бизмут е клучната состојка, а крајниот резултат е мравја киселина.

За сите овие идеи е потребно дополнително истражување, но направен е напредок. Сепак, тие не треба да ни го свртат вниманието од најдобриот начин на намалување на нивото на јаглероден диоксид во воздухот и забавувањето на глобалното затоплување - намалување на нашите емисии.

Јасно е дека треба да се преземе нешто, и тоа брзо. Новиот метод за конверзија на јаглеродниот диоксид може да ни стане многу важна во иднина особено затоа што претвора нешто што не го сакаме во нешто што го сакаме.