Некои луѓе повеќе ги сакаат животните отколку другите луѓе

Некои луѓе повеќе ги сакаат животните отколку другите луѓе

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сигурно познавате некој што повеќе се грижи за својот миленик отколку за луѓето. Но, која е причината за овој збунувачки парадокс? Научниците од Универзитетот „Нортистерн“ од Америка сакале подлабоко да ги истражуваат причините што лежат зад овој феномен и откриле дека некои луѓе повеќе ги ценат и имаат поголемо сочувство кон кучињата отколку кон другите човечки суштества. Ова е особено точно во околности на злоупотреба.

Истражувањето го спровеле истражувачите Џек Левин и Арнолд Арлук. Тие сакале да разберат зошто некои луѓе се грижат повеќе за кучињата отколку за другите луѓе. Експериментот се фокусирал на тестирање дали луѓето ќе се чувствуваат повознемирено при злоупотреба на животни отколку при злоупотреба на друга личност.

животни
Фото: Imgur


Според теоријата, возраста на жртвата имала големо влијание врз одлуката на учесниците во истражувањето. Но, испитувачите биле изненадени кога откриле дека и видот е одредувачки фактор за реакција на злоупотребата.

За да го разберат овој феномен, 240 студенти биле замолени да го манифестираат своето ниво на емпатија за време на невообичаени ситуации, како возрасен и дете кои биле грубо претепани со бејзбол-палка или малечко кученце или возрасно куче, исто така, злоупотребени. Овие сценарија биле претставени како вести: оние што ги читале приказните за детето, кученцето и возрасното куче покажале поголема агонија и сочувство отколку оние што читале само за возрасниот човек.

Авторите на истражувањето посочуваат дека луѓето имаат тенденција да се повознемирени за страдањето на животните отколку човечката болка. Реакцијата се менува само кога жртва на злоупотребата е дете. Ова може да биде така затоа што многу луѓе сметаат дека кучињата се ранливи без оглед на нивната возраст, додека за возрасните луѓе се верува дека имаат капацитет да се заштитат и да се бранат. Ова е причината што луѓето ги гледаат кучињата како бебиња или членови на нивното семејство.

Истражувањето открило дека возраста на жртвата е клучен фактор за реакција на луѓето што гледаат злоупотреба, но ова не важи за животните. Исто така, истражувањето откри дека луѓето повеќе ќе покажат емпатија ако жртвите не се во можност да се одбранат.