Мистериозно тело во центарот на галаксијата испраќа необични радиосигнали

Мистериозно тело во центарот на галаксијата испраќа необични радиосигнали

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мистериозни радиосигнали кои доаѓаат од извор кој постојано „се вклучува и исклучува“ и на кој му се менува јачината на светлината во центарот на галаксијата ги збуниле астрономите. Необичниот извор бил набљудуван од научници од Универзитетот во Сиднеј и Универзитетот во Висконсин, Милвоки, од минатата година.

Нивните откритија биле објавени во списанието „Астрофизикал џурнал“ неделава. Сепак, нема дефинитивен одговор за видот на изворот. Истражувачите првпат забележале радиосигнал од центарот на нашата галаксија на почетокот на 2020 г., објасниле тие.

- Сигналот трепкаше и стануваше 100 пати посветол и потемен со текот на времето - напишале тие.


Фото: Pixabay

Начинот на кој радиосигналот патувал не одговара на ниту една класификација на радиоизвори од вселената. Освен тоа, светлината на сигналот осцилирала во само една насока, но самата насока ротирала со текот на времето. Според нив, необичниот извор може само да биде нова класа на ѕвездено тело.

Истражувачите работеле со повеќе телескопи низ светот, а им помагале научници од повеќе земји. Телото било наречено АСКАП Џ173608.2-321635, по неговите координати. Биле детектирани 6 радиосигнали од изворот во период од 9 месеци. Научниците сега планираат да работат со телескоп што ќе прави мапи од небото секој ден за да разберат за што станува збор.

Извор: Independent