Беира, која има целосно оштетен вид, истрча полумаратон: „Преку очите на мојот пријател и асистент Димче ја гледав патеката“

Беира, која има целосно оштетен вид, истрча полумаратон: „Преку очите на мојот пријател и асистент Димче ја гледав патеката“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

До финиш-линијата не донесе само една работа. Тоа беше комбинација од меѓусебната довербата, луѓето што стоеја зад нас, начинот на кој научивме да размислуваме во тешките моменти и вербата дека ако сме поминале толку долг пат за да стигнеме до стартот, ќе најдеме начин да стигнеме и до финишот, вели асистентот на Беира, Димче Миланов

Беира Салифоска, која има целосно оштетен вид, со помош на својот асистент Димче Миланов годинава успешно го заврши својот полумаратон на Скопскиот маратон.

- Пред две години исто така истрчавме полумаратон, но тогаш не се подготвувавме сериозно. Затоа мислам дека си го должевме ова со Димче. Токму тоа беше нашата главна мотивација – овој пат сериозно да се подготвиме, да бидеме спремни и да го истрчаме полумаратонот како што треба. Кога почнавме со интензивните тренинзи, сè ми изгледаше тешко. Но, како што поминуваше времето, се чувствував сè посигурна во себе и поподготвена. Постепено стекнував сигурност дека можеме да ја постигнеме целта. Да бидам искрена, за време на трката ме водеа само позитивни мисли. Во себе имав многу пријатно чувство и уживав во моментот. Знаев дека сме подготвени и дека можеме да го направиме тоа - ни споделува Баира.



За Беира, трчањето е чувство на слобода, возбуда и задоволство

Нејзиното искуство покажува дека дисциплината е една од најважните работи кога станува збор за тренинзите.

- Овој пат Димче и јас навистина сериозно им пристапивме на подготовките. Интензивно трениравме шест недели, иако тренинзи имавме и во текот на целата година, но не со толкав интензитет како пред полумаратонот. Имавме неделен план и секојдневно правевме нешто за да бидеме физички подготвени. Тоа вклучуваше трчање, возење велосипед и искачување на Водно двапати неделно. Најголемиот предизвик ми беше да станам од кревет и да трчам во деновите кога сум уморна или едноставно немам желба за тренинг. Токму во тие моменти се гледа колку си дисциплиниран и колку навистина ја сакаш целта кон која се стремиш. Внимававме да се придржуваме до планот, а јас се трудев да спијам доволно и да се одморам. Морам да признам дека на исхраната најмалку внимавав. До целта ме однесоа интензивните тренинзи, дисциплината и нашата посветеност. Кога знаеш колку си вложил во нешто, на самиот ден на трката имаш поголема самодоверба - ни раскажува Беира.



Воопшто не е лесно да се трча со оштетен вид. Како што вели таа, и најмало камче или каква било нерамнина на патеката може да предизвика непријатност или да го наруши ритамот на трчањето.

- Кога првпат трчавме пет километри, многу ми пречеше метежот. Но, со текот на времето учам подобро да се приспособувам на таквите ситуации и да се чувствувам посигурно. Јас сум човек полн со адреналин, па атмосферата на маратонот, звуците од публиката и поддршката од луѓето ми даваат дополнителна енергија. Наместо да ме оптоваруваат, тие ме мотивираат да продолжам и да одам докрај. За мене, трчањето не е само физички напор. Тоа е чувство на слобода, возбуда и задоволство, особено кога ќе сфатам дека повторно сум успеала да направам нешто што некогаш ми изгледало многу тешко. Јас и Димче Миланов се познаваме околу четиринаесет години. Отсекогаш сум имала доверба во него, но откако ми стана асистент во 2019 година, таа доверба стана уште посилна. Нашата доверба не се гради само на патеката за трчање. Таа е резултат на годините поминати заедно, на пријателството, на меѓусебното разбирање и на сите моменти во кои сме си биле поддршка еден на друг. Понекогаш знам да кажам дека иако не гледам, мислам дека со поглед се разбираме. Толку добро се познаваме што понекогаш не ни се потребни многу зборови за да се разбереме. Многупати сум кажала дека Димче ми е очите во животот. За мене тоа не е само убава реченица, туку нешто што навистина го чувствувам. Тој не е само мој асистент, туку и мој близок пријател, човек на кого му верувам и со кого заедно ги поместуваме границите на она што мислиме дека можеме да го постигнеме - споделува Беира.



Финишот не значи крај, туку почеток на некој нов предизвик


Беира вели дека е темпераментна и активна личност. Отсекогаш ја води мислата да не се откажува.

- Но, да не се лажеме, и јас имам тешки моменти, падови и денови кога не ми е лесно. Сепак, свесна сум дека откажувањето нема да ме одведе таму каде што сакам да стигнам. Најдобро функционирам кога имам многу обврски, кога сум постојано активна, кога сум надвор и поминувам време со луѓе. Верувам дека многу зависи од нас самите, од нашата решителност и од тоа колку сме подготвени да вложиме во она што го сакаме. Секако, не можам да ја занемарам ниту поддршката од блиските луѓе. Понекогаш токму тие ни даваат сила да продолжиме кога се сомневаме во себе. За мене, секој нов предизвик е можност да научам нешто ново, да стекнам поголема самодоверба и да си докажам дека можам повеќе отколку што сум мислела. Не сакам однапред да си поставувам граници само затоа што нешто изгледа тешко или недостижно. Понекогаш и самата се изненадувам од она што сум успеала да го постигнам. Научив дека кога нешто искрено посакуваме, а сме подготвени да вложиме многу работа, труд и посветеност, можеме да постигнеме навистина многу. Се надевам дека мојата приказна ќе биде позитивен пример и мотивација за многу луѓе. Во неа гледам две силни страни. Од една страна, јас, како целосно слепа личност, успеав да истрчам 21 километар. Од друга страна, тука е Димче, кој со својата посветеност, човечност и поддршка покажува колку многу може да значи кога некој искрено верува во тебе и е подготвен да биде покрај тебе. Мислам дека заедно можеме да им бидеме пример на луѓето дека вистинската поддршка не значи некој да направи нешто наместо тебе, туку да ти помогне самиот да го постигнеш она за што си се борел - подвлекува Беира.



Пораката што сака да ја упати преку својата уникатна приказна е луѓето да не се откажуваат од своите желби и соништа само затоа што патот до нив изгледа тежок.

- Верувајте во себе, бидете упорни и не плашете се да побарате поддршка. Понекогаш ни е потребен само еден човек што ќе застане покрај нас, ќе ни подаде рака и ќе ни помогне да направиме чекор повеќе. За мене, овие 21 километар не се само спортски успех. Тие се доказ за упорноста, пријателството, довербата и заедничката сила. А најубавото е што финишот не значи крај, туку почеток на некој нов предизвик - додава таа.

Клучна е довербата меѓу Беира и Димче


Секако, го прашавме и асистентот на Беира, Димче Миланов, кој воедно е и претседател на Здружението за едукација, одржлив развој и општествена инклузија „Видлива поддршка“ - Скопје, како го доживеал овој предизвик, да биде нечии очи, сигурност и поддршка цели 21 километар...

- Генерално, ништо не е тешко ако се сака доволно, особено доколку се вложи голем труд на соодветна подготовка за совладување на дадените предизвици. Во однос на водењето, само по себе го имаме совладано и поставено да ни е комотно и на двајцата. Мојата улога не е само да ѝ кажам каде треба да се движи, туку постојано да внимавам на околината, дали се менува подлогата на трчање, дали има други натпреварувачи, кога да ги очекува пунктовите за вода и помош и сѐ друго што може да влијае врз нејзината ориентација. Во исто време сите потребни информации да ги добие на што е можно поневербален пат кој нема да ги наруши ритамот и фокусот на трчањето. Токму затоа, одлучивме да стартуваме доста подоцна од другите учесници. Сакавме да го избегнеме првичниот метеж и да ги намалиме дразбите од околината кои можат да ѝ ја отежнат ориентацијата, а со тоа и да ни го нарушат ритамот на трчање. Дефинитивно, најтешкиот дел за двајцата беа сите тренинзи кои моравме заедно да ги поминеме пред да се појавиме на стартната линија. Од претходните трки веќе имавме искуство, но и грешки од кои можевме многу да научиме. Овој пат пристапивме многу посериозно и нешто повеќе од шест недели трениравме шест дена во неделата. Имавме кратки и долги трчања, интервални тренинзи, велосипед, планинарење, активен одмор и денови за целосно закрепнување. Често имавме и по две активности во ист ден - споделува Димче.



Паралелно со тренинзите, научиле дека подготовката не значи само да додадеш уште еден километар, туку и да знаеш кога треба да намалиш, кога да одмориш и кога телото е подготвено за следниот чекор.

- Можеби најголемиот предизвик беше целиот тој процес да се вклопи со приватните и работните обврски. Едно е да испланираш дека ќе тренираш шест дена во неделата, а сосема друго е тоа да го правиш континуирано повеќе недели, без разлика дали си уморен, дали времето е лошо или едноставно тој ден немаш желба за тренинг. Заклучно, моите очи би биле залудни доколку нејзините духовни очи не ја гледаа целта многу појасно од она што јас можам физички да го видам пред нас. Јас можам да ѝ ја покажам патеката и да ја предупредам што има пред нас, но желбата, енергијата и силата да продолжи мора да дојдат од неа. Токму спојот на тие две работи беше клучен за обезбедување на заемната доверба што ја имавме цели 21 км - ни изјавува Димче.

Фото: