Во Молдавија постои подземен град со 1,5 милион шишиња вино
Под малото место Милешти Мичи во Молдавија се наоѓа нешто што изгледа како град, само што неговите улици немаат куќи, туку вино.
Подземните ходници на некогашниот рудник за варовник се протегаат на околу 200 километри, а приближно 55 километри се користат за производство и за складирање на вино, пишува „Вајн ентузијаст“.
Таму има повеќе од 1,5 милион шишиња, поради што Милешти Мичи влезе во Гинисовата книга на рекорди како најголема винска колекција на светот. Комплексот е толку голем што низ него се вози со автомобил.
Подземните „улици“ носат имиња на сортни вина, а постојаната температура од 12 до 14 степени и големата влажност природно создаваат речиси идеални услови за чување вино.
Приказната има и дел од советската историја. Во осумдесеттите години кога Михаил Горбачов покрена голема кампања против алкохолот, во Советскиот Сојуз беа уништувани резервите на вино. Затоа во Милешти Мичи дел од вредните шишиња почнаа да ги кријат под земја. Советскиот Сојуз исчезна. Горбачов го нема повеќе, но виното остана. Ако ви треба уште една причина некогаш да отидете во Молдавија, таму под земја постои град во кој практично секоја улица е винска.
Фото: принтскрин/јутјуб