Мапа на цените на храната во Европа: Македонија убедливо најевтина

Мапа на цените на храната во Европа: Македонија убедливо најевтина

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако цените на храната во некои земји се пониски од просекот на Европската Унија, домаќинствата во тие земји често трошат поголем дел од својот буџет токму на храна.

Храната е еден од најголемите трошоци за европските домаќинства и во просек учествува со околу 11,9 отсто во вкупната потрошувачка во ЕУ. Во одделни земји, како Романија, овој удел достигнува и до 20 отсто.

Големи разлики во цените низ Европа


Цените на храната значително се разликуваат низ Европа. Индексот на нивото на цени на храната на „Евростат“ нуди добра основа за споредба. Ако просечната кошничка со храна во ЕУ се постави на 100 евра, индексот покажува колку би чинела истата кошничка во секоја поединечна земја.

Вредност над 100 значи дека земјата е поскапа од европскиот просек, додека вредност под 100 укажува на пониски цени.

Македонија најевтина во Европа

Според податоците на „Евростат“, во 2024 година Македонија е најевтината земја за храна меѓу 36 европски држави. Стандардната кошничка со храна чини 73 евра, што е 27 отсто поевтино од просекот на ЕУ.

На спротивниот крај е Швајцарија како најскапа земја. Таму цените на храната се 61,1 отсто повисоки од европскиот просек, а истата кошничка чини 161,1 евра.

По Швајцарија, меѓу трите најскапи земји се уште две членки на Европската асоцијација за слободна трговија: Исланд -146,3 евра и Норвешка - 130,6 евра. Иако не се членки на ЕУ, земјите од Европската асоцијација за слободна трговија тесно соработуваат со ЕУ во областа на трговијата и пристапот до пазарот, задржувајќи поголема национална контрола врз законите, границите и политиките.

hrana
Фото: Euronews

Цени во рамките на ЕУ и регионот

Во рамките на ЕУ, Романија (74,6 евра) има најниски цени на храната, додека Луксембург (125,7 евра) е најскап. Во Романија храната е 25,4 отсто поевтина, а во Луксембург 25,7 отсто поскапа од просекот на ЕУ.

Цените на храната се најмалку 10 отсто повисоки од европскиот просек и во Данска (119,3 евра), Ирска (111,9), Франција (111,5), Австрија (110,9) и Малта (110,9).

Југоисточна Европа и Западниот Балкан во целина бележат најниски цени на храната. Покрај Македонија и Романија, значително под просекот на ЕУ се и Турција (75,7 евра), Босна и Херцеговина (82,5) Црна Гора (82,6), Бугарија (87,1), Србија (95,7 евра) и Албанија (98,7).

Плати, труд и даноци

- Најважната причина се разликите во приходите и платите - вели Алан Метјус, професор на Тринити колеџот во Даблин.

Земјите со повисоки просечни плати, како Данска и Швајцарија, обично имаат и повисоки цени на храната бидејќи трошоците за труд во земјоделството, преработката и малопродажбата се пренесуваат на потрошувачите.

Метјус посочува и дека врз цените влијаат и потрошувачките навики. Во Северна и Западна Европа купувачите почесто избираат еколошки или премиум производи и им даваат предност на брендираните артикли пред трговските марки на синџирите.

Листата со цени на „Евростат“ не ги зема предвид приходите на домаќинствата и не е приспособена на куповната моќ. Така, иако храната е скапа во Данска, луѓето таму имаат поголем расположлив доход и можат да си дозволат повеќе основни прехранбени производи.

Извор: Nova.rs
Фото: Euronews