Научници создадоа робот колку зрно сол и може да патува низ човечкото тело

Научници создадоа робот колку зрно сол и може да патува низ човечкото тело

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Научници од универзитетите Пенсилванија и Мичиген успеале да создадат робот помал од милиметар, опремен со сопствен компјутер, мотор и сензори. Иако наномашините какви што ги познаваме од научната фантастика се сè уште далечна иднина, овој микроробот, помал од зрно сол, претставува револуционерен чекор кон таа цел.

Првиот робот кој чувствува, размислува и дејствува

Децении наназад научниците не успеваа да создадат микроскопски робот кој може самостојно да се движи, да ја чувствува околината и да донесува одлуки. Досегашните обиди главно се потпираа на надворешна контрола, што го ограничуваше нивниот капацитет за обработка на информации и интеракција со околината.

Сепак, овој нов труд, објавен во списанието „Сајнс роботикс“, претставува пресвртница.

- Ова е првиот ситен робот способен да чувствува, размислува и дејствува - вели Марк Мискин, коавтор на истражувањето и доцент по електротехника и системско инженерство на Универзитетот Пенсилванија.

Овој изум може да стане платформа за развој на микроскопски роботи кои би можеле да се движат низ човечкото тело и да извршуваат медицински задачи, како што се поправка на ткиво или целно доставување лекови на тешко достапни места.

- Овој робот овозможува пристап до најмалите единици на нашата биологија. Секое живо суштество е всушност џиновски композит од 100-микронски роботи - вели Мискин.

Иако уредот сè уште е во експериментална фаза, коавторот Дејвид Блаау од Универзитетот Мичиген е оптимист.

- Не би ме изненадило ако за 10 години имаме реални примени за овој вид робот - вели тој.

Визуелно, роботот потсетува на микрочип и е изработен од силициум, платина и титаниум. Заштитен е со слој стакло за да функционира во течности. За напојување користи соларни ќелии кои го движат неговиот вграден компјутер и погонски систем. 

Неговиот компјутер е значително побавен од современ лаптоп, но доволно моќен да реагира на промени во околината, како температурата.

Следниот чекор е комуникација меѓу роботите

Клучна карактеристика на роботот е можноста за комуникација со човечки оператори.

- Можеме да му испраќаме пораки и да му кажеме што сакаме да направи, а тој може да ни испраќа пораки назад за да ни каже што видел и што правел - објаснува Мискин.

Следниот голем предизвик е воспоставување комуникација меѓу самите микророботи.

Извор: Index.hr
Фото: Maya Lassiter / Miskin Lab / University of Pennsylvania