Рекорд во Дубаи - пентхаус во зградата „Бугати“ продаден по цена од 27.000 евра за квадратен метар

Рекорд во Дубаи - пентхаус во зградата „Бугати“ продаден по цена од 27.000 евра за квадратен метар

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нов светски рекорд на пазарот на недвижности е поставен во Дубаи со продажбата на најскапиот пентхаус на Блискиот Исток - 550 милиони дирхами (околу 150 милиони долари, или 127,71 милиони евра) во облакодерот „Бугати резиденции“.

Трансакцијата, која ја склучил главниот директор за продажба на компанијата за развој на недвижности „Бингхати“, Абдула Бингхати, ја означува највисоката цена за квадратен метар досега забележана во Дубаи - околу 27.000 евра.

Со автомобил до вашиот стан

Ултралуксузниот пентхаус се простира на 4.385 квадратни метри и е дел од „Бугати резиденции“, првиот станбен комплекс во светот под брендот „Бугати“, чие 116-годишно наследство било инспирација за формата и ентериерот на зградата.

Се вели дека комплексот веќе привлекол неколку познати личности како фудбалската ѕвезда Нејмар, италијанскиот тенор Андреа Бочели и шпанскиот професионален фудбалер Ајмерик Лапорт, кои купиле резиденции од проектот.

Како што претходно било најавено, зградата ќе содржи 171 стан, на кои инвеститорот им го дал вообичаеното име „Ривиера меншнс“, како и 11 пентхауси наречени „Скај меншн пентхаусес“. Неколку лифтови водат до пентхаусот, што ќе им овозможи на сопствениците да ги возат своите возила директно до своите домови.


Инвестиции во Дубаи

Продажбата на пентхаусот, по цена од околу 27.000 евра за квадратен метар, моментално е највисоката регистрирана цена за квадратен метар станбен имот на Блискиот Исток. Досега, најскапите недвижности во регионот традиционално се поврзуваа со најексклузивните области, а цените достигнувале помеѓу 15.000 и 20.000 евра за квадратен метар.

Новиот рекорд дополнително ја потврдува позицијата на Дубаи како регионален центар за ултралуксузни недвижности, каде што архитектонските брендови, глобалните инвеститори и екстремно високите ценовни опсези сè повеќе се среќаваат во истите проекти.

Извор: gradnja.rs

Фото: YouTube screenshot