Астрономија: Македонија и Албанија се единствените држави во Европа каде воопшто нема опсерваторија

Астрономија: Македонија и Албанија се единствените држави во Европа каде воопшто нема опсерваторија

Подготвил: В.Ф.

Астрономијата кај нас се третира како наука, но е маргинално застапена во основното и средното образование. Состојбата не е особено подобра на академско ниво, вели Филип Парталовски, член на Скопското астрономско друштво



Македонија и Албанија се единствените држави во Европа (и пошироко) каде воопшто нема опсерваторија. НАСА деновиве соопшти дека нивниот телескопот Спицер го открил првиот систем од седум планети со големина на Земјата кои орбитираат околу една ѕвезда. Три од нив се сместени во „зоната погодна за живот“ – околу ѕвездата каде што е најголема веројатноста да постои вода во течна состојба на одредена планета. Од друга страна, Илон Маск, извршниот директор на компанијата SpaceX најави дека идната година ќе испратат двајца патници на еднонеделно патување околу месечината. Истата компанија интензивно прави подготовки за првата човечка колонија на планетата Марс. Колку овие податоци звучат неверојатно?

Очигледно дека астрономијата е наука на која човештвото допрва ќе посветува внимание и ќе вложува во нејзиниот развој. Каква е состојбата во Македонија?

Според Филип Парталовски, член на Скопското астрономско друштво, астрономијата се третира како наука, но е маргинално застапена во основното и средното образование, иако проблемите за кои таа дава одговор можат да помогнат полесно да се совладаат темите од физиката поврзани со движење на телата, гравитациски заемодејства и зрачење на телата.

- Покрај тоа, астрономијата дава и општ опис за постанокот, сегашноста и иднината на вселената преку изучување на голем број процеси водени од законите на природата.



Скопското астрономско друштво скоро две децении придонесува за пополнување на тој вакуум преку одржување на курсеви и предавања на популарни теми од астрономијата, а гостуваме и во основните и средните училишта во Скопје, каде одржуваме предавања или работилници - вели тој.

Секогаш кога дозволуваат временските услови, Друштвото организира јавни набљудувања со телескоп од плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде се набљудуваат објекти како Сонцето (за што се користи специјален телескоп наменет за директно набљудување во Сонцето), Месечината и планетите Меркур, Венера, Марс, Јупитер и Сатурн.

Во Македонија постојат уште неколку астрономски друштва, во Скопје, Битола, Охрид и поединци од другите градови, кои, според Парталовски, работат со ентузијазам и посветеност за популаризација на оваа наука.

Каква е состојбата во високообразовните институции?

- Состојбата не е особено подобра на академско ниво. На Институтот за Физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје има и Катедра по астрономија. Професорките кои работат таму се носители на професионалната астрономија во Македонија, но ним им недостига основната алатка за практична работа – астрономска опсерваторија, во која студентите би се обучувале, а во иднина и би работеле на истражувачки проекти. Всушност, Македонија и Албанија се единствените држави во Европа (и пошироко) каде воопшто нема опсерваторија, ниту професионална, ниту научна/училишна, ниту аматерска, ниту во град - вели Парталовски.

Скопско астрономско друштво е здружение на граѓани, љубители на астрономијата, од различна возраст и националност. Основано е во 1998 година во Скопје. Нивниите основни цели и определби се ширење и популаризација на астрономијата како наука и обединување на сите љубители на астрономијата во нивната заедничка потрага по повеќе знаење, дружење и ведро небо.