Петте најдобри научници на УКИМ не ги добија признанијата, ректорот Јанкуловски имаше седница

Петте најдобри научници на УКИМ не ги добија признанијата, ректорот Јанкуловски имаше седница

Подготвил: М.Ф

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски денеска не ги додели наградите за најдобар научник за 2016 година, па церемонијата помина во знак на незадоволство кај дел од добитниците на наградата. Оваа година признанија добија пет професори на УКИМ , секој од различна област. За природно-математички науки е наградена проф. д-р Мимоза Ристова, од Природно-математичкиот факултет, за техничко-технолошки науки – проф. д-р Игор Јорданов од Технолошко-металуршки факултет, за медицински науки – проф. д-р Љубица Георгиевска – Исмаил од Медицински факултет, за општествени науки – проф. д-р Анита Циунова – Шулеска од Економски факултет и за уметности – професорот Живојин Глишиќ од Факултетот за музичка уметност.



Сите петмина добитници чекаа во фоајето на свечената сала во Ректоратот. но Јанкуловски не даде куса пауза на ректорската седница за да ги додели наградите. После реакцијата на дел од професорите кои оценија дека ова е навреда за нив, професорките Мимоза Ристова и Љубица Георгиевска Исмаил ја напуштија свечената сала каде требаше да се одржи церемонијата. Ректорот Јанкуловски пак прати соопштение до медиумите во кое им се извини на сите наградени научници и информираше дека наградите ќе се доделат друг ден.

-За жал, траењето на седницата на Ректорската управа поради бројните дискусии се одолжи дваесетина минути што предизвикало нетрпение и револт кај дел од наградените научници. Ја користам оваа прилика јавно да им се извинам на нашите почитувани колеги наградените научници/уметници и на членовите на нивните семејства за неодржувањето на церемонијата поради заминувањето на дел од наградените и да ги известам дека церемонијата ќе се одржи во друг термин -се вели во соопштението на ректорот Јанкуловски.